„Читателите прашуваат, авторите одговараат“ со Јасмина Димитрова

Оваа недела, во соработка со групата „Размена на книги и книжевни муабети“, ви го пренесуваме „интервјуто“ создадено од прашањата на читателите со авторката Јасмина Димитрова.

Јасмина Димитрова е родена во Свети Николе, во 1986 година. Моментално живее во Карлсруе/ Германија, каде што е фокусирана на учење германски и прави напори да продолжи со школување. Љубовта кон пишувањето ѝ се родила уште во средношколските денови, но поради трагедијата, која животот ѝ ја приредува, прави неколкугодишна пауза од пишувањето додека да собере храброст и да ја издаде својата прва книга во август 2019, со наслов ,,Лузни”.

Во моментов Јасмина работи на нов роман, кој најверојатно би излегол од печатница кон крајот на годината.

Кој жанр ќе биде твојата следна книга што ја пишуваш?

Новиот роман на кој што работам моментално е склопен од драма, љубов и на сето тоа “тенка линија” на трилер. Дај боже да оди се’ по плановите и да може да излезе до крајот на годината.

 

Каква проблематика обработуваш во книгата „Лузни“?

За “Лузни” секогаш кажувам дека не е само книга, дека таму се испишани моите чувства.

“Лузни” е книга која што обрабутува лични искуства од мојот живот, нешта слушнати и раскажани од мои блиски и подалечни пријатели. Со „Лузни“ исто така го ставив до израз и мојот најтежок и најболен период од мојот живот. Трагедијата која не’ снајде мене и моето семејство едноставно ја испишав, симнувајќи голем товар од душата.

Вториот дел од „Лузни“ е за секој кој ужива во убаво пишан збор искажан во поезија.

Дали и колку е автобиографска новата книга? И дали ќе има промоција во Македонија на која ќе може да присуствуваме? 

Новата книга нема да има ништо автобиографско, освен што дејството што ќе се случува е во Карлсруе, градот каде што моментално живеам.

Во врска со промоцијата, се надевам дека барем за наредната книга ќе имам време да организирам промоција, ме „дави“ времето поминато во Мк, зависи до околностите, али ќе гледам овој пат да има нешто.

Дали некогаш си имала писателска блокада и како си ја решила за да продолжиш со пишување?

Со оглед на тоа дека сум премногу чувствителна, за жал, ми се случило до сега повеќе пати. Откако го загубив татко ми не фатив пенкало 9-10 години. Јас бев онаа во семејството “татина маза” народски кажано, неговата смрт тешко ја прифатив. Не дека можеби не сум можела, туку едноставно не ни пробав во текот на тие години да пишувам. По преселувањето во Германија ми дојде некако премногу носталгија и почнав повторно да ја “малтретирам” хартијата. Сега таа ми е најдобар психијатар. Мора да ме трпи…

Кое дело и кој автор ти оставиле печат, да си кажеш: „Еден ден сакам вакво нешто да е со мој авторски потпис”? Нешто што ти е како идол и те фасцинира со самиот поглед на книгатата.

Печат ми остави Драган Таневски, тој е мојот идол.

А како на нешто што би сакала да оставам мој авторски потпис би бил Дејвид Џексон автор кој за жал во Македонија е недостапен, се надевам нема да остане така, затоа што тој има што да каже, неговите психолошки трилери се нешто поразлично, воопшто не потсеќа на типичните психолошки трилери каде што човек тешко сврзува година со година итн. Баш напротив се’ си има свој редослед и граница до каде може да „оди“ болниот ум на психата. Промоција се надевам ќе можам да организирам некогаш, со Бога напред.

Дали творите дисциплинирано, секојдневно одреден број на часови, или пишувате во моменти кога ќе имате вистински порив и енергија?

Творам колку можам почесто, единствено нешто што ми е потребно е чиста мисла, мир и спокој, за да можам да се сконцентрирам, имам пишувано и во трамвај и автобус, но често знам да “залутам” по станициве.

Увидов дека така ми се губи концентрацијата и ми бегаат мислите, така што сега само забележувам кратки мисли во телефон кога сум по пат и подоцна ги склопувам во ракописот.

Дали би прифатиле целосно организирано и обезбедено патување и сместување на некоја дестинација, под услов, да напишете книга само строго за тоа место?

Дали би прифатила, не знам. Дека ми треба мирно место за пишување, да точно е, но мир човек наоѓа и во домот кога сака. Сепак со обврски и две деца во училиште кои што не го преовладуваат јазикот 100 проценти се трудам колку што можам. Туѓа земја, туѓ јазик, но се наоѓа време за се’. И уште од септември виша сила ми фалеше и тоа се трудам да постигнам. Јоој секогаш велам со Бога напред, можам јас…

Претходното вакво интервју со авторката Марија Прличкова, можете да го прочитате ОВДЕ.

Посетено 472 пати