„’Бем ти ја живот, Лола!“ (Хотелски приказни, сезона 3)

После краткото реновирање на хотелот, решивме да се вратиме во колосек. Нов мебел по собите, освежен ентериер, нови бои и нови ликови со стари манири, секако! Се вртев низ рецепцијата ко луда и се обидував да сфатам што ѝ фали. Можеби уште малку свежина? Можеби уште понов мебел? Можеби подобри муштерии!? Дефинитивно последново. Ама кај да ги најдам кога ми се вртат се’ едни исти… веќе и мене ми е блам да ги гледам.

И додека јас си замислував како би било уште поубаво кога наместо швалери и швалерки би доаѓале групи странци, кога наместо ескорт-дами би доаѓале вистински претприемачи, кога наместо силеџии би доаѓале џентламени, кога наместо зависници од лесни и потешки дроги би доаѓале спортисти…

Веќе звучи како дувло, зар не? Но, ова е Македонија. Горка помисла на тоа дека не сум некој престижен хотел… туку мало хотелче со смешно именце „Промаја“.

Се загледав низ прозорецот и мислите ми одуваа како силен ветер пред бура кога дојде Лола! Дааа… Лола, ескорт-дамата!

„Лоло, од кога се немаме видено!“

„Кхм. Не сум повеќе Лола, г-ѓо Вилма. Сега сум г-ѓа Перонс.“

„Молам? Перонс? За кого се омажи?“

„За еден стар бизнисмен од Ангија. Блах. Мисли дека сум на фамилијарна прошетка со сестра ми и зет ми. Која будала. Туку, дај ми една соба.“

„Старите навики тешко се забораваат, изгледа…“, промрмљав во себе.

„Молам? Рековте нешто?“

„Ништо, ништо, велам… убаво е повторно да се видиме.“

„И тоа како! Ми недостигаше македонскиот воздух, македонската култура…“

„Кој воздух, овој загадениов ли? Мислите на македонската некултура?“

„Подобро загаден отколку загушен. Па, јас од Џорџ не можам да дишам, драга! Ма тука се знае бре, од почеток знаеш на што си! А, не тој џентламен ќе ми изгирава…. Драга, сакаш ли ова-сакаш ли она. Ах! Па не можам, Вилма! Не можам… Тука ќе те опцуе, ќе му се насмееш и оп твој е. Јас дур да го освојам Џорџ, една душа ми знае…“

„Па, како ти од тука во Ангија?“

„Преку сестра ми… таа е психолог во Англија, учено, а не како мене… е па, сестра ми му држела сеанси на овој мојов. И еднаш ми кажа дека има пензионер од 65 години. Пензионер си велам, па супер прилика. Башка Англија, никој не ме знае. И ете отидов таму, па се запознавме. Па учев краток курс за англиски, па учев подамски да се облекувам… се изнамачив! Али поштено!“

„Можам да замислам… сигурно и јадењето стана потешко.“

„Уште прашуваш! Од чаеви ми е преку глава, од вилушки и лажици исто така… две недели не мрдам од тука. Па, нема подобро од јадење со рака. ‘Ебем ти и странство и се’. Дај клучот. Инаку убаво оваа променава… ама врати си се на старо. Многу ми е европски, знаеш…“

Си седнав на столот и си мислам: „’Бем ти ја живот, Лола!“

 

Марија Прличкова

Посетено 409 пати