Многу луѓе мислат дека можат лесно да проценат некого…
Доколку ме прочитате низ колумниве, неретко ќе помислите дека сум гласна женска која сака да е во центарот на вниманието. АЛАРМ. Тоа не сум јас.
Всушност, како да сум некоја подвојна личност која има алтер его… некое второ ЈАС кое е жестоко и грубо, додека она вистинското е нежно и далеку поженствено. Јас сум таа која ќе опцуе и ќе отера све у пм, додека во живо ќе ве удостои со англиска, евентуално српска пцовка. Јас сум таа која ќе гори шуми, ќе поместува планини, а во живо ќе посматра и слуша што околината има да каже.
И НЕ! Тоа не ме прави ниту слабак, ниту ненормална. Туку просто сфатив. Не заслужува секој да те знае во вистинското светло. Не заслужува секој да го слушне твоето громогласно смеење, не заслужува секој да ја забележи твојата солза, не за служува секој да дознае кои се твоите слаби страни и не заслужува секој да го слушне твојот став. Затоа што луѓето сето тоа ќе го искористат и злоупотребат.
Јас, се уште ќе бидам тука да застанам зад правата на жените и животните, односно на послабите. Јас, се уште ќе бидам тука да ви кажам дека вие можете, дека вие ќе успеете. Но, најпрво ќе ве сослушам што имате вие да кажете.
Како професионален/дипломиран аматер-писател, неретко замислувам дека сум го освоила аудоториумот и сум застанала среде сцената грмејќи со мојот глас, само ЈАС. И би мојот глас. Со секоја моја колумна, приказна, роман. Но, во живо, јас сум како сите вас останати. Со слични рани, со слични солзи, со слични причини за смеење. А, колку си поранлив и пораздранлив, толку полесно паѓаш во рацете на зликовците налик на твоите романи/приказни/колумни.
И решив. Мојот свет ќе го отворам само за најблиските… оној лице в лице. Оној кој заслужува да ја види твојата искрена насмевка, ќе заслужи да ја почувствува и твојата топла болна солза. Оној кој заслужува да го слушне твојот искрен став без притоа да го осуди, заслужува да ги види и твоите живи рани и застарените некогашни лузни. Оној кој заслужува да се радува кога се смееш на сиот глас од среќа, тој залсужува и да тагува со тебе. Оној кој заслужува да те види во венчаница и најфина шминка, залсужува да те види и во тренерки и разбушавена коса. Оној кој заслужува да те скокотка, тој заслужува и да ги избрише солзите после секоја макотрпна борба.
А, такви се неколку, се бројат на прсти заедно со семејството.
Паметно бирај кому ќе се отвориш, затоа што денес за час твојата приказна може да се злоупотреби. Сослушај ги другите што имаат да кажат, но не лепи предрасуди. Бидејќи токму таквите злоупотреби и предрасуди, не направија нас неми посматрачи!
©majkatiitatkoti.com Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира