Секоја генералка е добра генералка, особено онаа од (не)пријателите!

Здраво, дечки!

Денеска е Меѓународниот ден на сиромаштијата, но бидејќи е исклучиво болна и неверојатна секојдневица во нашето опкружување, ќе го оставам на страна и на поинаков начин ќе ја прикажам сиромаштијата.

Со (не)пријателите! Па, него што?

Велат дека најбогат е оној кој има пријатели… хмм… јас од кога направив драстична генералка на куп (не)пријатели, се осеќам освежено… бајаги освежено! И воопшто неосиромашено…

Најбогат е оној кој има вистински другари, кои се тука за него во добро и во зло, а знаете колку ќе ги имате во животот? Неколку, да не речам 2-3, највеќе 5. Толку се… ти имај и 1000, ама на крајот од денот ќе сфатиш дека искрено ти мислат само толку, а не и помалку.

Богат е оној кој има семејство, богат е оној кој има на кого да се потпре, богат е оној кој има партнер кој му верува, богат е оној кој има кој да го поддржи. Мајка ти и татко ти, брат ти и сестра ти, маж ти/жена ти или дечкото/девојката. Толку! Се’ друго имај си, но со резерва, огромна резерва.

И ќе останат оние кои треба… верувај ми.

Изминатиов период имав причина за радост, па видов и кој ми се радува и кој ми сити. Кој е среќен за мене, кој се туфка. Кој ме заборавил, кој ми честитал. Кој се расплака, кој се изнасмеа. Кој пееше со мене, кој се мрштеше под брк. На кого му беше сеедно, кој го доживеаа како да е негова среќа. Видов и само толку ми ги отвори очите.

Семејството, пријатели мои. Семејството и неколкумина другарки. Сето останато е немарно, другари. Под семејство, потенцирам секој оној кој го сметам за семејство, без разлика дали се работи за потесното или поширокото семејство.

За пријатели, односно (не)пријатели, ги сметам оние кои носеа овчешка кожа со години, а всушност беа волци. Денес ги нема во мојот живот, јас сум среќна.

Оваа година тргнав неколку. Јас сум најсреќна!

Самите се бираат….

Марија Прличкова

Посетено 210 пати