Доцни или ранобудни книжевни муабети со Марија Прличкова, авторката на „Марла“
Огромно благодарам до интервјуто со Nadin Ilieaux за книжевната група Размена на книги и книжевни муабети/ Book swap and bookish discussions
Late night #книжевнимуабети со нашата Марија Прличкова-Маци, писателка, читателка и наша пријателска од групата
Со Марија замуабетивме за инспирацијата за создавањето на ликот на нејзината култна Марла, и дали доживувањата на Марла ке имаат продолжение.
Оние наши членови кои ја читале Марла, ке ги очекуваат одговорите со нетрпение
Марија Прличкова, ти благодариме на одвоеното време
Кој жанр највеќе сакате да го читате?
– Најмногу од сѐ, претпочитам да читам модерна психологија, бидејќи страшно ме интересира човечкиот мозок, како неговата свест, така и неговата потсвест. Ме интересира што ги тера на толкаво зло, но што ги мотивира и за толкава љубов… Нормално дека сакам романи, па најмногу сакам да читам писхолошки романи (повторно, овој пат во фикција), крими-романи и чик-лит, неретко и љубовни.
Дали читате стрипови?
– Како помала сакав стрипови и ги читав, иако никогаш не сум била тежок фанатик за стрипови. Се сеќавам дека имаше Супер-Тоше стрип на времето, тој го обожавав… Сигурно најмногу поради самиот Тоше, отколку за целокупната реализација којашто ја имаше стрипот.
Која беше инспирацијата за вашите книги?
– Луѓето т.е. нивниот мозок. Инспирација ми се секојдневните стереотипи и предрасуди. Инспирација ми е секојдневната потреба некого да се цензурира. Инспирација ми е кршењето на правилата. Со еден збор – околината, ако можам наједноставно да дооловам.
Колку време ви беше потребно да ја напишете првата книгата?
– Година и пол. Од оваа перспектива, ми се чини премногу кратко или како за прва книга сосема доволно. Сметам дека за една добра книга е потребно време, месеци поминати во макотрпно калемење. Можно е да напишеш книга и за три месеци… Но, дали квалитетот ќе биде ист како и онаа на која си бдеел како над мало дете со недели и месеци? Се сомневам.
Дали подготвувате сега некоја нова закуска за читателите?
– Ох да, беше планирано да се направи втор дел од Марла. Но, во разговор со стручни лица од оваа област, ме убедија да направам римејк на познатата Марла. Тоа значи дека ќе ги испреплетам првиот и вториот дел. Звучи предизвикувачки. Со уште повеќе карактери, со уште повеќе страст и со една уште поголема тежина – да ги спасиме девојките од лошите врски.
Која книга највеќе влијаела на вашиот живот?
– Злосторство и казна. Можеби звучи клише, но таа книга навистина многу влијаеше врз моето понатамошно размислување. И кога и да направам некое „злосторство“ и одвнатре ме јаде некаква јанѕа, се потсетувам на маестралното дело од Достоевски. Не постои поголема казна од сопствениот затвор и сопствената мисла.
Дали има книга која не сте успеале да ја дочитате?
– Има да, има доста книги. Искрено, од здравствени причини не смеам да ги заморувам очите. А бидејќи работата ми е на компјутер, читањето книга е рамно на самоубиство за моите очи. Сепак, си дочитувам. Така што, јас луѓе мои, читам 10 книги во исто време, и тоа може да трае со месеци. Освен, ако не се работи за некоја добра книга, па да ја прочитам во еден здив. Читањето ми е тешко, бидејќи имам дислексија. Па, брзо се заморувам. Fun fact about me! Инаку книга која НИКОГАШ нема да ја дочитам е „Белграѓанки“. Досада жива!
Препорака книга за нашите членови?
– Хмм… Има доста книги… Книгата што секогаш ја препорачувам барем еднаш да ја прочитате е „Страници на нашата љубов“ од Николас Спаркс. Воопшто не е клише, а е толку елегантна. Јас верувам во вистинската љубов, всушност и ја живеам, а оваа книга или ќе ви ја врати или ќе ве убеди дека постои.