Девојчето по име Самира

Зимата гризе со очниците како разјарена волчица. Малечко бушавко главче се протна низ автоматската врата на продавничката и отиде право кај чоколатцата и бонбоните. Имаше на себе само тенко блузиче што не би го нарекол ни пролетно. Се уклучи родителскиот аларм во мене. Бев на заминување ама се вратив назад и ја прашав:
– Девојче, каде е мајка ти?
– Дома.
– Татко ти?
– Дома
– Тебе сама те пуштија?
– Да
Се погледнавме со продавачката зачудено. Највеќе ме изненади тоа што многу луѓе влегуваа и излегуваа, ама никој не го забележа девојченцево излезено по тенко блузиче на минус десет. Ја прашав:
– Овде некаде живееш малечка?
– Не
– Некаде далеку?
– Не многу далеку.
– Како дојде до тука?
– Со автобус.
– Јакната каде ти е?
– Дома
– А пари имаш ли?
– имам – ми покажа едно ќесенце со неколку згужвани банкноти.
– Кога ќе влезеш во автобус многу долго се возиш?
– Не многу долго, не многу кратко.
– Колку години имаш?
– Шест.
– Знаат твоите од дома дека си излезена?
– Да.
– Има ли мајка ти телефон?
– Не
– Татко ти? Брат ти? Сестра ти?
– Не.
– Како се викаш?
– Самира.
– Слушај ме сега Самира, седи тука на топло, јас ќе се јавам на едни луѓе да дојдат да ти донесат јакна и да те однесат дома.
Се јавив во полициска станица и рекоа дека ќе дојдат по Самира. Продавачката рече дека ќе се погрижи за малечката додека не дојдат полицајците.
Додека се возев накај дома ми пролетаа милион сценарија што се можеше да се случи со Самира. Шест годишно јагненце во свет на волци и грабливци.Јагненце со бушаво црно косиче и големи сини очиња. Се надевам дека и твоите родители ќе го прочитаат текстов Самира. И ќе размислат за некое од можните сценарија што верувам дека на секој од нас му се јасни освен на нив.

Посетено 631 пати