Алколоид со програма за практикантство за студентите по фармација и хемија
Во насока на исполнувањето на заложбите за корпоративна општествена одговорност, кои се на врвот на приоритетите во оперативната агенда на компанијата, „Алкалоид АД Скопје“ потпиша „Меморандум за соработка“ за програмата за практикантство со „Фармацевтскиот Факултет“ и „Институтот за хемија“ на „Природно-математичкиот факултет“, обата при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Практикантството во „Алкалоид АД Скопје“ е заеднички проект помеѓу компанијата, респективните образовни институции и студентите, кои ја претставуваат идната работна сила во Република Македонија. Во рамките на овој проект, на студентите, кои се на додипломски и после дипломски студии на горе-наведените факултети, ќе им се овозможи вклучување во секојдневните компаниски процеси и активности, со цел да се зајакнат нивните професионални вештини и взаемно да се поттикне научно-истражувачката работа.
„Целта на овој ‘Меморандум за соработка за програмата за практикантство’, е да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици. Со овој проект, ние како компанија, во соработка со највисоките научно-образовни институции во земјава, сакаме да им овозможиме на младите талентирани и амбициозни студенти стекнување и практикување на нови вештини во реални процеси во рамки на компанијата. Сакаме да изградиме синергија од која бенефит ќе имаат сите инволвирани страни, а преку имплементирање на најновите научни достигнувања во развојни процеси, научно-истражувачката работа очекуваме да се подигне на ново, повисоко ниво“– изјави г. Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид АД Скопје“.
„Алкалоид АД Скопје“ со овој проект оди чекор понапред и не само што разработува програми за развој на практикантите, туку структурно ги усогласува со образовните институции, адаптирајки ги во обем кој е максимално прилагодлив на образовните програми. Проф. д-р Светлана Кулеванова, Декан на „Фармацевтски Факултет“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го нагласи задоволството од отпочнувањето на нов вид на соработка со компанијата и ја истакна важноста на усогласуваењто на програмските содржини со светските трендови и практичната работа:
„ Потпишувањето на ‘Меморандумот за соработка за програмата за практикантство’ во сферата на научната и стручната дејност од областа на фармацијата, е од особено значење за сите страни кои се опфатени со истиот, но најповеќе за самите студенти. Големиот интерес кој беше предизвикан кај студентите при дистрибуирањето на првичната информација за новата можност која им ја пружаме заедно со нашиот верен партнер ‘Алкалоид АД’ е доказ за квалитетот на оваа програма“ – рече Проф. Кулеванова.
Деканот на „Природно-математичкиот Факултет“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Проф. д-р Ицко Ѓоргоски, истакна дека потпишувањето на меморандумот за соработка е своевиден чин на верификација на долгогодишната и успешна соработка со „Алкалоид“:
„Ние се радуваме што потпишуваме меморандум за соработка со ваква реномирана компанија, не само во македонски туку и во светски рамки. Години наназад, голем дел од нашите најдобри дипломирани студенти од областа на хемијата своите кариери ги продолжуваат во ‘Алкалоид’. Голем дел од нашите професори се надворешни соработници во развојните лаборатории на оваа компанија и учествувале во голем во број заеднички научни проекти. Убедени сме дека ова е само еден нов почеток, со кој нашата соработка уште повеќе ќе се прошири и продлабочи, а користа, секако ќе биде обострана“ – изјави Проф. Ѓоргоски.
Контурите и основите на овој проект беа поставени во август 2017 година, а праксата на првата група студенти ќе започне во текот на месец јуни 2018 година. На студентите кои ќе ги исполнат условите за влез во програмата за практикантство, од страна на компанијата ќе им биде доделен обучен ментор, а од страна матичната образовна установа ќе им биде зададен практичен проект кој ќе треба да го завршат во рок од 3 месеци. По завршувањето на практикантската задача, студентите ќе треба да ги презентираат добиените резултати кои ќе бидат евалуирани од страна на стручните ментори од компанијата и претставниците од респективната образовна установа.