Учи сине, учи

Ќе рнташ цел живот, ќе двоиш од уста, твоја и на децата, за да му даваш пари на Фондот за здравство секој месец, од нив ни 1% во текот на животот нема да потрошиш, и тие 1% на нос ќе ти излезат зошто ќе добиеш мизерна здравствена услуга, за да на крајот пак приватно се лекуваш и си плаќаш. Ќе ти се смачи од чекање по ходници и маткање по шалтери, ќе си го одврзеш ќесето и ќе завршиш по приватниве клиники и болници, во надеж дека само така можеби ќе си го сочуваш тој еден и пол живец што ти останал здрав. Сите низ истото сме поминале, знаеме како е.

Најтрагичното, не сме го поминале сите, и не дај Боже. Никому да не посакаш да се најде во таква ситуација. Онаа кога болеста е толку сериозна, што ни одврзаното ќесе не ти помага, не ти стига, плитко е. Тоа се луѓето кои немаат друг избор освен да бараат средства на друг начин, преку повици за донации на социјалните мрежи. Ден не поминал овде, да не наидам на некој таков повик. И секој пат, ти иде да пукнеш од мака. Да не си им во кожата 🙁

Какво вртење грб, трескање врата пред нос, каков шамар е тоа од Фондот за овие луѓе?! Го раниш кучето цел живот, за да те лае кога ќе ти затреба, за да ти ги зарие забите до коска, за коските да ти ги глода! Колку болни луѓе, колку дечиња, колку Тамарчиња носите на душата, а? Душа… сте чуле што е тоа? Она внатре, она нешто топло, човечно, што со очи не го гледаш, ама знаеш, од само една единствена постапка можеш да почувствуваш, кој ја има, а кој ја нема? Чувство… знаете ли што е пак тоа? Знаете ли воопшто било што друго, освен празнење на нашите ќесиња, за да се полни вашето??!! Не, не сте вие кучето, кучето е умно, добро и мило животинче со душа… вие сте крлежот на неговиот грб!

Посетено 556 пати