Сања Ристиќ, Девојката Без Шминка
Размислував како да те најавам бидејќи немаш професија поврзана директно со јавниот свет за да почнам со тоа па дојдов до едно прашање што незнаев да си го одговорам… Како успеваш да си секогаш популарна а не се бавиш со јавна професија?
Сања Ристиќ: Тешко е прашањево што ми го постави. Неколку пати сум го добила истото прашање и незнам зошто е тоа така… Веројатно начинот на адреналинскиот живот што го живеам или мојата појава некао привлекува внимание и ми обезбедува таков имиџ и пласман. Што и незнам колку ми се допаѓа или не… Некогаш навистина посакувам никој да не ме познава – ми треба сопствен приватен простор и мир.
Кога веќе сме кај професијата, кажи ни нешто повеќе околу тоа со што се бавиш?
Сања Ристиќ: Веќе 8 години работам во маркетинг агенцијата Идеа Плус, моментално како Раководител на сектор за услуга на клиенти. Работам по струка – Магистер сум по Маркетинг. Студирав и магистрирав во Виена на Webster University, каде што ми пријде еден од моите омилен професори и низ насмевка и ми рече: “што и да одбереш како професија освен маркетинг, би било колатерална штета”. Го послушав без никакво двоумење, и денес можам да кажам дека секоја секунда уживам во она што го работам! Сакам креатиност, сакам уметност, сакам храброст, сакам отворен мозок. Имам една омилена мисла од Френк Запа “Мозокот е како падобран. Не функционира ако не е отворен”.
Имам информации од клиенти кои работеле со тебе дека проектите сработени со тебе се истовремено и успешни и професионални но и ултра забавни. На што се должи тоа?
Сања Ристиќ: За успешноста на проектите кои ги водам не сум заслужна само јас, туку целиот професионален тим со кој работам, ги обожавам, тоа е најдобриот тим што постои! Кон клиентите секогаш постапувам професионално, со доза хумор (неизбежен е во мојот карактер) и се внесувам со многу позитивна енергија која веројатно и мене и ним им одговара. Баш ме направи среќна да слушнам ваков коментар J Уште една потврда дека мојата работа и професија е мое задоволство. Имам работа што ја сакам, Конфучие рекол дека тоа е исто како немаш ниеден работен ден во животот…
Еден наш заеднички познаник, познат фотограф, ми објаснуваше како на твои 18 години си возела Пежо кабрио толку лудачки низ Скопските улици да неможел да си поверува што прави едно девојче… Што возиш сега и дали сеуште лудуваш со колите? Дали сеуште си “зависник” од адреналин?
Сања Ристиќ: Хахаха даааааа знам за кого зборуваш… За мојот 18ти роденден добив подарок автомобил – Peugeot 206 CC , што беше доста брз и сам си налагаше така да се вози (се изнасмеа). Повторно возам спортски автомобил но нешто посмирено и позрело овој пат по улиците. Возам BMW 3 Coupé. Од секогаш сум била рака под рака со адреналинот – сноуборд, вејкборд, сите адреналински спортови… Се спремам сега да скокам со падобран – една од моите неостварени желби досега. Ете до таму сме со адреналинот…
Како успеваш секогаш да изгледаш свежо, убаво и природно?
Сања Ристиќ: Никогаш во животот не сум ставила пудра или слични наслаги на лицето, не практикувам шминка (минимално некогаш ако е ептен неопходно), не користам ништо хемиско за нега, јадам здрава храна, вегетаријанец сум, спортувам и практикувам здрав начин на живот откако знам за себе. Секогаш гласам за природен изглед… Не почитувам пороци. Доволно ми е кога уживам во една чаша црвено вино, ништо повеќе.
Имаш уникатен стил на облекување, секогаш се двоиш од толпата. Каква гардероба купуваш?
Сања Ристиќ: Помеѓу моите парчиња може да се најде се и сешто, од сите брендови и “небрендови”. Купувам што ми се допаѓа а не колку чини или кој бренд е. Се се тоа наши маски и фасади – далеку е поважно каква ни е душата, какво ни е срцето, колку искрено сакаме, колку сме добронамерни и позитивни.
Како го исполнува Сања Ристиќ слободното време?
Сања Ристиќ: Сакам да читам добра книга, сакам да читам книги за животот, за нашето битие, за универзалната енергија и спиритуалност. Ме исполнуваат, ме водат во подлабок допир со себе и го доживувам животот од еден поинаков аспект, од поинаков агол кој далеку повеќе ми се допаѓа од сите материјални гледишта кон животот. Рекреативно се бавам со спорт, сакам да гледам добар филм, и секако сакам да уживам во добро друштво… Сакам да патувам и во животот сакам да не оставам точка на планетава каде што не сум била. Еве последниов месец бев на скијање на Копаоник во Србија и во Лес Ду Алпс во Франција. Се наполнив со многу позитивна енергија, уживав во сонцето, во планините и снегот и омилени пријатели. Следната дестинација е преку океанот за некој месец…
Од каде ја црпиш цела оваа позитивна енергија во себе? Зрачиш кога и каде да те видиме…
Сања Ристиќ: Ме полнат со енергија детски искрени насмевки, моето семејство, среќни лица, искрена љубов, моите најблиски пријатели, добрини, животни, растенија… Се што правам во животот правам исклучиво да ме исполнува! Престанав да верувам во материјалниот свет од неодамна, за мене тој е празна јама, таму не постои се што наведов погоре…
Секогаш постираш позитивни мисли на социјалните мрежи, доста си активна. Имаш ли многу обожаватели, ти пишуваат ли често, нешто интересно?
Сања Ристиќ: Сакам да споделам кога ми е убаво на душата па затоа и постирам некогаш мои мисли, некогаш мисли што ми се допаднале… Често ми пишуваат познати а и не познати – на сите одговарам коректно. Омилена мрежа ми е Instagram, ги споделувам убавите доживувања, пренесувам емоции, си ги шетам оние што ме следат со мене, се надевам им пренесувам барем малце од убавините и енергијата кои ме исполнуваат.
Во последно време воопшто не ми се допаѓаат критики и “хејтање” – тоа јас лично го доживувам како израз на сопствено незадоволство!
Може нашите читатели да те следат на Instagram?
Сања Ристиќ: Секако, слободно… Instagram @sanjalala
Што си во хороскоп?
Сања Ристиќ: Девица во знак, стрелец во подзнак, рак во месечина. Дете за пример. Рационалната девицата ми ја дава цела организираност што ја поседувам и најчесто професионално ја применувам, агресивниот стрелец ми го дава пропелерот да не седам мирна и да го живеам животот брзо и активно, а ракот ми го прави срцето отворено и богато со љубов!
Сања, баш уживав во твое друштво и кафе-муабет во Бугати Бистро, секогаш е убаво да се помине време со тебе и по целово интервју јас само би додал “Девојки пробајте да бидете Сања, оваа девојка е исклучително интересна и уникатна!”
Фото: Averel
Посетено 21.324 пати