Знам дека ќе биде се под контрола и тоа ме вади од контрола!

Бев од оние девојки кои стануваат во 4 сабајле, се јавуваат на автобуска и прашуваат кога има автобус на било која дестинација.

Го фаќав првиот автобус во 6 изутрина и заминував со последните пари да се издувам некаде, едноставно си врвев топ во свое друштво.

Беше тоа времето во кое се осознавав себеси, сега кога ќе погледнам назад ми изгледа многу далечно иако помина само една година откако престанав да правам вакви работи наречени глупости од страна на сите што ме познаваат.

Постојано ме прашувале каде одам сама, што правам сама, како сум издржувала сама, зошто сама…

Јас им одговарав дека најубаво ми е сама, не ми треба никој освен јас и јас во свое друштво разговарајќи со кофеинот или текилата.

Еднаш додека бев во депресија заминав во Охрид, се сместив кај една жена која издава соби во собиче баш како за мене.

Малечно, убаво, средено, кога видов дека има пепељара внатре срцето ми заигра, се радувам на ситници, таква сум.

Подоцна кога ја забележав кварцната зад кревет може да замислите што ми се случуваше.

Ги оставив куферите, си ја заклучив собата и излегов да си го прошетам омилениот град во Македонија.

Сама…пиев кафе во Аквариус, Ликвид, Славица…станував од едно, одев во друго кафуле.

Слушалките на уши, свој филм во главата, анализирање на детали за целите кои сум сакала да ги остварам, привлекување на чудни погледи од околината.

Откако завршив со кафе сесијата, продолжував со јадење, јадев се што ќе ми посакаше душата без да се грижам дека ќе се здебелам како во минатото.

Кога ми здосади центарот заминав на прошетка покрај кеј, дуваше, плискаа брановите, а јас се радував како дете.

Не можам да ви го опишам тој мир во душата кога знаев дека сум препуштена сама на себе, без грдите фаци во мојот град, без никој и ништо што би ме спречило да бидам тоа што сум.

Тогаш сфатив дека сама најубаво функционирам и кога би живеела така секој ден би постигнала се, би направила се, сама.

Се вратив во собата, се истуширав и заминав на пиење. Обожавам ирски пабови, најдов еден и си седнав внатре на шанк. Си порачав текила за текила, јегер за јегер, си се испијанив и си се вратив дома.

Младите кои ги среќавав по пат како излегуваат од ноќните клубови ми беа смешни, се расправаа за глупави работи кои ми биле приоротет и мене на тие години, се почувствував стара.

Така пијана малку го љуфнав патот, но на крај го пронајдов местото на кое бев сместена, беше во близина на црквата Света Софија.

Си запалив цигара, го отворив ширум прозорецот и си легнав. Наредното утро се разбудив со поглед кон езерото, беше тмурно, но сепак сонцето некако се бореше да ги турни облаците и да влезе во мојата соба.

Ме чекаше уште еден ден исполнет со авантури, но за тоа што правев тој ден ќе дознаете нареден пат…

Ова е само едно од тие патувања на кои се осознавав себеси и на крај се осознав до некоја точка која ми дава да се чувствувам нормално, односно под контрола.

Сега како да има изумрено сета таа желба за осознавање во мене, а знам дека треба уште многу да се запознавам себеси.

Сега знам дека се е под контрола, а знам дека се ќе биде под контрола и во иднина и тоа ме вади од контрола!

Морам да заминам некаде повторно наскоро, заминете и вие доколку се чувствувате исто, бидејќи верувајте контролата сите ќе не извади од контрола пред да ја (не)контролираме на време.

Посетено 3.420 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!