Второ дете? Хмммммм…
[fblike]
Проблем.
Ќерка ми наполни 7 години и има проблем.
Сака братче, сестричка, ако може близнаци-Бинго.
Постојано го проверува стомакот на мајка си, упорно ја повторува својата желба, а неодамна во апотека, на тетката и побара таблети “за трудност”.
И така навака, се додека не ја седнавме и не и објаснивме како одат тие рабоќе.
Не слушаше со широко отворените плави очиња, ги впиваше тајните на големите и, сега е на “стенд бај”, нешто помалку досаѓа и не остава, можеби, можеби, да се потрудиме.
И, нормална е нејзината реакција, знаеме. Многу е нормална, и детска и човечка
Но, каква е нашата?
Ќе ви кажам одма-проблематична.
Не би сакал да ве оптоварувам со нашите здравствени проблеми, или со нашата возраст, но ќе ви кажам дека се мислиме. Длабоко.
И, постојано трпиме критики од кого стасаме.
Па, “вие сте себични, егоисти, ќе ја оставите малата сама, ќе ја осакатите (еееееееееееј), па ќе и биде тешко во животот, ќе остане размазена” и, знаете веќе како оди тоа. А, мене постојано ме чуди, каква е оваа размазена и крајно невоспитана средина, во која секој, па и непознат, ја имаат таа дрскост и сељачка смелост, директно да ви се меша во семејниот живот, во вашата тешко стекната автономија, во радоста да се одгледа и да се издигне едно прекрасно мало суштество?
Неверојатно. Треба да се браниме од малограѓанштината на оваа заостанатост, одозгора да се срамиме или да се чувствуваме непријатно за една наша, круцијална, животна одлука.
Е, па, нема да може. Дефинитивно.
До сега, нешто молчев или не се расправав на оваа тема, ама отсега ќе почнам да вреѓам дебело, пропорционално на дебилно упатеното прашање!
Се прашал ли некој, на пример, дали најважните личности во нашите животи, нашите први деца, уживаат во институцијата баба и дедо?
Односно, дали воопшто ги имаат? Или, имаат ли нивните баби и дедовци (од двете страни, како на свадбата) услови и здравје за нив, колку често ја имаат можноста со нив да одат на проишетка, на зимски, летен одмор, да останат на спиење?
Колку млади брачни парови “пукаат” и “се сопнуваат” на ова прашање, колку од нив имаат реална можност да го одгледаат, да го изнасакаат, да го исшколуваат, да му ги приуштат сите детски убавини на своето чедо?
Се има ли доволно средства за еден нормален живот, семеен живот од три члена?
Се поставува ли прашањето, како двете, дај боже трите и повеќе деца во фамилијата, ќе опстанат во овој невидено суров свет, ако мама и тато не им остават нешто опипливо, или, ако на пример ги остават без покрив над главата, да се акаат под кирии у скапани станчиња?
Се прашува ли некој од овие “загрижениве”, требаат ли младите брачни парови, покрај огромните количества на љубов и трпение кон детето, барем малку да сочуваат и за себе и за своите нерви?
Еден мал милион проблеми, на кои, ете така се гледа овлаш, како да се работи за купување на куќен миленик, а не за светоста на детето.
Не, не ја прифаќам селската филозофија и теорија за “секој со својата среќа во животот” и слободно можете да ме викате “себичиот” од утре. Знаете зашто?
Затоа што знам дека не сум осамен во овие размислувања и дека имам истомисленици кога се говори за овој многу, многу важен проблем.
(Кога ќе ме опали на Лото, најверојатно ќе викам на мекици. Без оние “љубопитните” и “загрижените”, се разбира).