Мене за тебе ми е жал

Beautiful Girl Laying on the Rock by River

да
мене за тебе ми е жал
дури и тогаш кога
право во очи ме гледаш
и сечилото врз мене го спушташ
засекуваш прецизно
засекуваш хируршки и остро
никогаш да не престане да крвари
но не премногу длабоко
за наеднаш да не искрварам
како да веќе и не е сеедно
да
мене за тебе ми е жал
дури и тогаш кога
со секој збор по телово шибаш
и како со камшик
парчиња од душава ми корнеш
секогаш доволно силно
за лузните да не исчезнат
времето ништо да не им може
а пак да продолжам да дишам
како да е се’ исто како порано
да
мене за тебе ми е жал
кога на секоја рана од солта ми ставаш
од онаа што од срцето ти капе
по мене
по себе до мене
со очи суви и поглед суров
а зад него море полно ветар
и распеани сирени
дур за гуша ме држиш под вода
како да се немам досега во жал удавено
да
мене за тебе ми е жал
дури и тогаш кога најмногу ме боли
и кога знам дека од тука пеколот почнува
и дека каде и да заминам
од кожава не можам да избегам
а на неа сиот ти
и плунка и семе
и солзи и крв
и моите зборови од тебе кажани
како да не бевме едно а од едното станавме две
да
мене за тебе ми е жал
и за онаа “јас” која во тебе ќе остане
со која молкум ќе се љубите
и во спомени од животот ќе бегате
за вас двајцата ми е жал
оти пострашно од човек во себе да носиш
а до себе да го немаш
нема…нема
мене
мене за тебе ми е жал

Посетено 2.594 пати (1 денес)