Една жена

Една жена денес му се радува на денот. Ќе излезе надвор, во ресторан, кафана. Можеби и музика ќе има, па ќе се развесели малку. Една жена денешниот ден со душа го чека. Една жена денес ќе се вртка по дома, ќе бара начин, поволен момент, да му пријде. Ќе се обидува да ги запамeти зборовите кои претходните неколку денови ги вежбала по точно определен редослед и ќе се труди да не згреши додека го прашува мажот кому цел ден му угодува, онака плашливо, само навидум незаинтересирано, одоколу: Денес има организиран ручек од работа за празников, се мислам дали да одам? Една жена денес ќе се израдува откако ќе ја пуштат, ќе ѝ дадат дозвола. Истата радост, истиот ден, тој. Еден. Секоја година по ред. Една жена денес, повторно одоколу, ќе побара дозвола од него и за шминката и облеката што ја носи: Да не сум многу силно нашминкана? Како ми стои сукњата? па ќе се моли во себе, додека тој ја „мери“, да не му се види случајно прекратка. Една жена денес на неколку саати ќе заборави која е, кому припаѓа и каде ќе се врати. Една жена денес ќе биде дочекана дома со прашањата: Кој имаше таму? Ти до кого седеше? Што пиеше? Што правеше? Играше? Кој се фати до тебе? Кој те донесе? И уште едно последно прашање како шлаг на тортата на крајот од денот ќе добие: Што има утре за ручек… требаше да направиш нешто пред да одиш! Една жена и уште една жена и уште една… и уште многу други жени во оваа наша традиционална држава… вечерва, пред да си легнат, ќе воздивнат со олеснување што поминале без навреда или шамар затоа што закасниле 15 минути, и без да им се чуе глас ќе го прават ручекот за утре, за тој случајно да не умре од глад… утредента…

Една жена денес ќе го слави 8-ми март. Токму вака. И убаво ќе си помине. Ако овој ден, каков што го опишав, ќе ѝ биде убав, замислете какви ѝ се останатите?

Избрав вака да ви го честитам празникот кој денес се слави. Со потсетување дека сеуште нема големи причини за славје. И со апел за будење на свеста во Македонија за поголема еманципација и заштита на жените кои се жртви на психичко и физичко насилство секој ден, освен можеби денешниот. Ми се виде попригодно.

За една жена. За многу жени. Посветено на неа. Посветено на нив.

Посетено 906 пати