ТРИ МИГА

[fblike]На место предговор

„Продавачот на ветар и магла“ е седма по ред книга и прва збирка раскази на г. Стефан Марковски.
Делото компилира различни (видови) раскази, вклучувајќи и некои напишани уште од неговите средношколски денови, други напишани во почетниот и подоцнежниот стадиум од неговото студирање, а трети, пак, напишани за време на неговиот престој во САД минатата 2014-та.
Токму заради ова, лесно воочливи се стилистичката, семантичката и синтаксичката дискрепанца меѓу нив.
Некои од расказите се меѓусебно толку различни и неспоиви што, како што му се довериле некои од читателите, оставаат впечаток дека се напишани од сосема различни автори, што веројатно доловува еден незанемарлив аспект од неговата творечка еволуција на планот на книжевноста.
Нема сомнеж дека дел од читателите ќе препознаат некои од нив, такви кои веќе биле електронски споделувани и изведувани на разни перформанси и читања.
Сепак, најголемиот дел од нив се ексклузивно вклучени токму во збиркава, каде влегува и драмата по која истата е именувана, инспирирана од претходно напишаниот истоимен расказ.
Расказите се посветени на луѓе кои повеќе не се меѓу нас, такви кои нè напуштиле пред природниот и конечен одѕвон на биолошкиот часовник.
Но тие се посветени и на Тебе, драг и непознат ко-актеру во недовршената апсурдистичка комедија наречена животно патување.
С. Марковски

Пред говор

Збирката која од пред малку ги допира вашите уникатни дланки е напишана од Стефан Марковски и неговото алтер-его од длабоките мракови на книжевноста, Марко Стефановски.
Некаде низ нејзините страници изработени од лелеава жолта хартија со „мирис на книга“, според кажувањата на Марко, постојат текстови (кратка проза кодирана под терминот „раскази“) кои, впрочем, потекнуваат некаде од сферите на необјаснивото и речиси непостоечкото.
Според кажувањата на С. Марковски, потпишаниот автор на делото, кон неговото алтер-его, процесот на творење бил проткајан со повремени одблесоци инспирација во кои биле создадени поголемиот дел од расказите. За време на одблесоците, во неговата ментална визија одненадеж се јавувале Светлини невидливи, според неговите тврдења, за голото човечко око, Светлини неспознајни за голиот и толку ранлив ум човечки.
Времетраењето на овие Светлини останува неопределено, исто како и целокупната природа на нивните, според кажувањата, променливи, неповратни и синестезиски облици.
Анализирајќи го ракописов, дојдов до сознание дека Марковски не бил совршено свесен додека пишувал дел од расказите, што во извесна смисла сугерира на неговата можна улога како гласник кон луѓето од средишниот дел на Балканскиот Полуостров.
Гласник на некоја неопределена, за Земјиниот доминантен вид, сила, или цивилизација, како што се кажува во еден од расказите кои авторот евидентно ги напишал во еден од споменатите одблесоци.
Затоа, неговото алтер-его ви советува да бидете особено внимателни додека ги читате, свесни за иманентниот ризик од верижен пренос на непознатата енергија од овие одблесоци која може да ве опчини како што го стори тоа со мене.
                                                                   М. Стефановски

prodavacot na vetar i magla

Со дискретен хумор внимателно избалансиран со придушена меланхолија, авторот од навидум реални настани од секојдневието, преку оригинална наративна техника незабележливо преминува кон сложено метафорично заокружување на расказот.
 Рајна Кошка
Концизен и јасен, преку метафора упатува не само кон интроспекција, туку целосно преиспитување на човековите вредности.
– Румена Бужаровска
Извонреден стилист, концизен а двосмислен. Извонредна смисла за кратка прозна форма.
–  Венко Андоновски
Со задоволство ги читав расказите од оваа збирка и можам да кажам дека Стефан Марковски е несекојдневен автор во современата македонска книжевност и пошироко, кој допрва претстои да го пронајде своето вистинско место на современата книжевна сцена.  Неговите колеги од другите книжевни средини кои верувам дека ја прочитале збирката пред мене, само можат да го потврдат и прошират горекажаното.
–  Драги Михајловски

Три мига

Миг 1
Ја отвораш вратата. Зима. Минус еден степен Целзиусов.
Вдишуваш со полни гради.
Погледнуваш кон речиси неприродно црвеножолтата линија која на чуден начин ги пара и онака неиздиференцираните сиви облаци од крајниот десен агол на видикот.
Ефемерно се присетуваш на шегата што вчеравечер и ја кажа на девојката за која веќе знаеш повеќе одошто требало.
Ја затвораш.
Слободно издишуваш.
Мигот потоа се присетуваш на птицата што прелета над тебе.
Миг 2
Во лифтот не работат две сијалици. Помислуваш на ризиците ако се обидеш да придонесеш за „општото добро“ на станарите од својата зграда кога би ги сменил.
Претседателот на куќниот совет е идиот.
Ги бришеш чевлите и мигот пред да влезеш го чувствуваш „она“ чувство.
Чудна мешавина на анксиозен наплив и еротска фантазмагорија ти се прелива околу горниот дел од грбот и вратот, чувствувајќи пријатен струеж.
Те наежува температурната разлика.
Си помислуваш на трудот по естетика на кој работиш нецела недела.
Се навраќаш на чувството од пред миг и половина.
Еурека!
Интеракционизмот со тоа чувство е иднина на естетичката пракса.
По секоја цена сакаш да научиш да го контролираш.
Седнуваш во медитативна, лотус-позиција.
Земаш и испушташ неколку „супер-здива“.
Бесполезно е.
Од возбуда, дури мижиш, ти се привидуваат бои.
Обземен од поспаност, ги кратиш здивовите во заборав на времето кога ја отпушти прегратката на ултрамеката свилена перница.
Миг 3
Се будиш со сила на еден Терминатор, скокаш во наполнетата када со едната нога нагоре како Брус Ли, ја навлекуваш потполно новата облека како Супермен и рипаш во лифтот како Спајди.
Брус Вејн, непреоблечен во Бетмен е спроти тебе и втренчено те гледа.
„Мило ми е што те гледам, комши“ – му се обраќаш во исчекување на мигот кога носот ќе ти израсне толку долг што ќе му го прободе десното стакло од неговите црни очила, кои те потсеќаат на Нео.
Се симнувате од лифот и фаќате по својот пат.
Пристигаш на факултет за време за кое и Чак Норис би ти завидел.
Влегуваш во такси во кое таксист е Обеликс во верзија на окапаник без скршена пара.
Му велиш каде сакаш да стигнеш и однапред ги подаваш банкнотите со чувство на Робин Худ.
Од оваа нова перспектива, таксистот сепак повеќе заличува на Малиот Џон одошто Обеликс, иако не е мал. Сепак, Мал Џон во верзија на окапаник без скршена пара.
За време на возењето гледаш полупознати лица на хобити, гоблини,  волшебници, господари на Мракот, господари на Светлината и Око што гледа сè.
Насекаде илуминати, католички конспиратори за контрола над светот, ционисти, корпоратократи, зелени.
Го чувствуваш присуството на непријателите на Ближниот твој.
Христос и дванаесетте апостоли од својата десна страна и не ги приметуваш затоа што инстинктивно отпочнуваш да се брзаш како белиот зајак од „Алиса во Земјата на чудата“ на чие име не можеш да се сетиш; попусто: сообраќајот е густ како во Земјата на чудата.
Случајно те пресретнува погледот на Кралицата на картите кој инстантно го одбиваш, како огледалото на Кралицата која по секоја сака физички да се отараси од Снежана, не знаејќи дека откако ќе ја снема нејзе, ќе се појави нова.
Неверојатната испомешаност те тера да помислиш дека сонуваш како Алиса, иако никогаш не си се двоумел во машкоста на својот пол.
***
Влегуваш во зградата на својот факултет, со мешање на две спротивни чувства; отпрвин го гледаш светот на џуџињата околу себе како Гуливер,  за потоа да станеш најмал, како Алиса.
Набргу проценуваш дека бројот на џуџиња пред тебе е повеќе од седум, можеби седум на квадрат.
Ги бараш своите 10 денари, предвидени за утринско кафе од апаратот спроти себе, и откако не ги наоѓаш истиот момент, Поароовски посегаш кон детален претрес на палтото.
Откако ги пронаоѓаш во едно незабележително џепче во кое немаш претстава кога, како и зошто дошле, во одразот од туку што спременото кафе го гледаш ликот на мистер Бин, со мустаќи кои заликуваат со оние на Чаплин.
Седнуваш во предавалната со однапред стокмено чувство на професорот Балтазар.
Пријателите те тапшаат по рамо, небаре веќе си им ги решил сите проблеми.
По предавањата, за чие времетраење си се чувствувал како Робинзон Крусо, одлучуваш да ја прифатиш поканата за партија пиво со група другарки и другари.
Го испиваш пивото со брзина на Пегаз и одигруваш една игра како Џон Траволта со другарката која според планот еден ден ќе ја земеш за жена. Твојата Пенелопа.
Во меѓувреме, шестото сетило те предупредува од опасноста на неколку натрапници меѓу тебе и Пенелопа кои на херојски начин (комбинирајќи ги Херакле, Одисеј, Траволта и Жан Клод) ги спречуваш во својот ништожнички план, бришејќи го подот со нив, како Стивен Сигал. Ладнокрвно ги препушташ на својот пријател на неколку метри од шанкот – доктор Зло.
***
Се враќаш, како Леси.
Седнуваш пред бирото, земаш пенкало и ненадејно здогледуваш чудовиште-ветерница исцртано од букви, заради што го кинеш листот и, со цел да погодиш тројка во обрачот на металната корпа за ѓубре, промашуваш како некогаш Шекил.
Сакајќи да продолжиш со пишување, погледнуваш во часовникот, соочувајќи се со полноќта: времетраењето на магијата е поминато.
Ги затвораш очите, сеќавајќи ги нежните галења на Пепелашка по трепките…
Само сон е – ти шепотат ноќните демони кои ти го опколиле креветот, како никому друг. Тоа се твоите единствени, ги препознаваш откако во одразот на светлечките црвени очи успеа да ја препознаеш силуетата на оној кој долги часови пред и по тоа луташе во немир.
 

 

Посетено 343 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!