Да се фатиме на оро и да изиграме до крај…за во “Guinness”

stl-logo - Copy

tanec-logo - Copy

МАКЕДОНСКИ РЕКОРД ЗА ГИНИС НАЈГОЛЕМОТО ОРО ВО СВЕТОТ

„О тешкото! Кога во молк да те гледам,teskoto_crno bela
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш – в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура –
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг –
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си – внук.“

 Тешкото – Б. Конески

Јазикот, обичаите и фоклорот се нашите вековни чувари кои во најтешките времиња ни давале сигурност и спокој, гордост и достоинство. Така е и во овие, за нас тешки времиња.

Раководството на „Танец“ и на „Скопско туристичко лето“ го препознаваат моментов кога громогласно треба да им одадеме признание на сите генерации пред нас кои ги сочуваа тој темел. А како тоа да го сториме подобро, поубедливо, погласно, отколку со едно бескрајно оро, како што вели Конески.

Орото е симбол на заедништвото, сплотеноста. Сам човек не може да игра оро, не можат дури ни двајца, ни тројца. Смислата на орото е заедничката радост, ускладениот чекор, рацете фатени во бескраен венец. И колку е тоа подолго, толку помоќна сила создава и посилна порака праќа.

[youtube height=”HEIGHT” width=”WIDTH”]https://www.youtube.com/watch?v=53rP5gH1YVM[/youtube]

„Танец“ и „Скопско туристичко лето“ се сплотија, „се фатија на оро“ да го создадат најголемото, не само македонско, туку и светско оро!

Да го собориме Гинисовиот рекорд за најдолго оро на светот! 

Наша цел се 18.000 учесници, кои во последната сабота на месецот април ќе го протегнат орото од Охрид до Струга, долго 15 километри, со што ќе се означи и почетокот на туристичката сезона во овој наш туристички најразвиен регион. Доколку успееме во намерата, ќе го собориме сегашниот Гинисов рекорд на оро со 17.200 учесници од НР Кина.

Организацијата на „најголемото македонско оро“ има за цел на целиот свет да го покаже духот на народот кој чесно живее и работи на овие простори, на домаќините кои не прашуваат „од која вера си“, ами „како си, здрав ли си?“. „Танец“ и „Скопско туристичко лето“ ќе направат напори во орото да се сплотат и за раце да се фатат учесници од сите вери, убедувања и боја на кожа. Ние сме убедени дека  влегувањето во Гинисовата книга на рекорди со најдолгото оро во светот ќе биде извонреден придонес за афирмација на нашата традиција и автохтоност.

Затоа, доколку сте добронамерни и со отворено срце, доколку не поддржувате и мислите дека треба да станете дел од овој грандиозен настан кој, според нас ќе остави длабока бразда во светската меморија, Ве замолуваме да ни ја дадете Вашата поддршка, морална, финансиска или друга. Со тоа ќе ни го потврдите чувството дека сме многу и дека сме заедно.

„… Ако и вие не имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале досега и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо – а тоа јет голема помошт…“

Извадок од Крушевскиот манифест

ginis oroИницијатори за поставување нов Гинисов светски рекорд во број на учесници во едно оро  се НУ „Танец“, Ансамбл за народни игри и песни на Македонија и НВО „Скопско туристичко лето“.

На оваа иницијатива веќе се приклучуваат бројни институции, федерации и познати личности со поддршка од својот домен на делување.

Историјат

Сегашниот Гинисов рекорд на најголемиот фолк танц во светот го држат Кинезите со 17.200 учесници, од 2009 година. Пред нив рекордот го држеше нашиот јужен сосед со оро со 1.200 учесници.

Наша цел е да го надминеме овој рекорд со оро во кое ќе заиграат 18.000 учесници.

За таа цел настанот ќе биде пријавен до комисијата на Гинисовата книга на рекорди и ќе биде обезбеден мониторинг од нивни судии, за рекордот да влезе во новото издание на книгата за 2014 година.

Кога и каде

Најголемото оро во светот планираме да го организираме кон крајот на април (последната сабота во месецот) и тоа да се протегне од Охрид до Струга, по стариот пат чија должина изнесува 14,2 км.

Орото би се започнало напладне и би траело 8-10 минути.

Со овој масовен настан би го означиле и почетокот на туристичката сезона во овој наш туристички најразвиен регион.

Учесници

–        Во Република Македонија се регистрирани 70 културно-уметнички, фоклорни друштва. Вкупниот број на нивните членови е преку 5.000 и сметаме дека ќе наидеме на максимален одзив од нивна страна.

–        Локалното население ќе биде ангажирано исто така со околу 5.000 учесници

–        Останатите 8.000 учесници ќе ги поканиме преку многуте спортски и рекреативни клубови, разни граѓански здруженија, училишта, факултети и тн.

–        Учесниците од фолклорните друштва би биле облечени во народни носии, додека за другите учесници ќе бидат обезбедени црвени и жолти маици со логото на настанот.

–        Сите учесници на крајот ќе добијат симболичен сертификат со реден број, со кој и за потребите на судиите на Гинис ќе биде прикажан вкупниот број на учесници.

Да заиграме заедно!

Посетено 953 пати