Пред десеттина година, постојано слушав навреди за моите килограми…

Пред десеттина година, постојано слушав навреди за моите килограми. Бев костур, бев виршла, шпагета, имав конци место нозе… слушав и слушав. Преќутно ги голтнав сите зборови и ги складирав низ рафтовите на моето срце, небаре залиха чувам.

Поминаа години, навредите продолжија. Но некако фондот на зборови се намали, како да немаше што да слушнам повеќе, како да пресуши изворот.

Еден ден се погледнав во огледало. Свесна за своите недостатоци и мани. Имам 47 кила, некогаш повеќе, некогаш помалку. И сум потполно здрава со одлична крвна слика. Ми сметаат слабите раце, ми смета како ми стои фустанчето на моите тенки нозе. Штама. „Сум подлегнала на коментарите од немилосрдните? Зарем јас сум навистина таква?“, помислив и се тргнав настрана. Можеби посакав да избегам самата од себе? Можеби целиот свет беше во право? И оп, самодовербата како кула од карти се руши, се растура, паѓа.

Следниот ден повторно се погледнав во огледало. Земав воздишка. Ги погледнав истите работи од вчера. Издишав. Низ долгите слаби раце изнесов толку многу товар, но и испуштив преку моите дланки. Со моите нозе поминав толку многу патишта, од угорници до удолници. Но, успевав секогаш цврсто да застанам на нив. Да не дозволам ниту еден удар да ме нокаутира, ниту да стојам како шеќерче на стаклени нозе. Повторно заминав.

Третиот ден застанав и се погледнав. Зборовите од вчера вредеа многу повеќе од навредите од завчера. Ги избрав нив наместо оние непотребни бубачки. Не сум инсект да се хранам со помали бубачки.

Одбрав да се прифатам себеси со сите свои мани и недостатоци. Јас сум онаа која секој ден ќе се гледа во огледало и ќе си дава мотивација и ќе си го крева нивото на самодоверба. Јас, а не случајните минувачи. Јас, а не постојани зајадувачи.

Јас.

Марија Прличкова-Маци

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 961 пати