Карантинов е нешто од подобрите нешта што мене ми се десија во оваа нетолку чудесна 2020 година!

Зошто? Уф, па ради бројни причини… еве некои од нив решив на „гладно срце“ да ги набројам овде…

Во принцип, имам социјален живот и неколку пријатели кои на прсти се бројат, некојпат и на едната рака, но ќе излажам дека не знам колку ми фали и ме фрла у „депресија“ тоа што не можам да искачам на кафиња. Времето дома, во изолација, го користам да си се размуабетам со мајка ми… со мојата единствена најдобра другарка. Или пак со мојот партнер, кога можам… све на све мојот круг на „пријатели“ е сведен на минимум и немам никаков проблем со тоа.

За преживување 2 дена имам сосема доволно (Зборувам за оној 24-часовен дневен карантин), а ако згусти ќе сплескаме со мама некоја погача. Ќе преживееме. Нема зошто да паѓаме во трансови… луѓе немаат со денови, месеци, години асална храна… па, ние за два дена. Додуша сфатив дека по малку сум и разгалена, само јадам џанки храна… деифинитивно без која СЕ МОЖЕ и подобро е да ја НЕМА.

Ми се допаѓа затоа што не морам да објаснувам зошто денеска нема да одам на работа, зошто не ми се оди на кафе или пак зошто не ми се шета. Едноставно не морам! Го имам најголемото оправдување на светот, нели?

Ми се допаѓа што можам да одморам од небитни муабети, трачеви и превртливи очи. Ми се допаѓа и тоа што не морам да се преправам дека им верувам на оние кои упорно се трудат да ме заебат.

Ми се допаѓа што можам да си ја средам облеката, да ги разгледам старите фотографии, да ги изгледам омилените филмови и серии.

Ми се допаѓа што имам време за мене и мојата книга, да ѝ посветам без никој да ме праша кога да дојде на промоција и дали ја напишав. Сите си ги гледаат своите проблеми.

Ми се допаѓа и тоа што пијам кафе на тераса. Ми се допаѓа што градот е проклето мирен и слушам само птици.

Ми се допаѓа што немам клаустрофобија дури и кога сум на отворен простор меѓу толпа народ. Ми се допаѓа што држам растојание и никој не ми дише во врат.

Ми се допаѓа што моите панични напади се сведени на минумим, а анксиозноста ја нема. Речиси цел месец. Излегувам со маска и ракавици, држам растојание и излегувам кога морам. Не се плашам дека ќе се заболам, едноставно посилна сум од мислите кои ми го блокираат умот.

Не ѝ се предавам на хипохондријата, хистеријата, паниката. Не! 20 години несвесно сум се борела, зарем сега да потклекнам?

Ми се допаѓа што мајка ми е дома. Јас сум дома… во нашиот храм. И ќе наполнам батерии… за навека.

п.с. Ми фалат само долгите прошетки во парк и на кеј со Емил… но, ќе биде и тоа… верувам…

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 305 пати