Значи, кога ќе добијам лоша услуга у кафиќ

Газди, не заборавајте…
Задоволен персонал = задоволни гости = добар промет = задоволни газди.

Персоналу, не заборавајте… задоволни гости = добар бакшиш.

Значи, кога ќе добијам лоша услуга у кафиќ (а знам дека не сум се испонашал кретенски), прво што ми паѓа на памет е дека персоналот не е доволно платен или ценет. Но, работава очигледно има и други аспекти кои не смеат да се испуштат. Добриот персонал бара подобри услови за работа и повисоко вреднување. Кога нема да бидат истретирани хумано, тие си фаќаат џаде, па газдите се принудени да бараат следна прифатлива (читај евтина) алтернатива – недоволно обучен персонал. Тоа се најчесто луѓе на кои оваа работа им е привремена, па затоа не се замараат многу да го совладаат занаетот. Точно им се гледа во изразот на лицето дека се тука само за кратко и немаат ништо подобро во моментот, инаку они ни у сон не би работеле као конобари и шанкери и кувари. Но, децо, вредноста на еден човек се гледа по тоа како ги одработува своите обврски, без разлика дали е тоа чистење улици, менаџирање мултинационални компании или конобарење. Работа е работа и ако не се внесеш со сето срце во неа, ќе има многу последици, најчесто по твојот интегритет и образ. А ако газдите ве плаќаат слабо, тогаш покажете им дека вредите многу повеќе. Бидете љубезни кон гостите, нудете го секогаш најдоброто што го има на располагање куќата, давајте им добри препораки, спријателете се со нив. Но не го правете тоа за бакшиш, дека ќе се осети.


Бакшишот си е неминовен кога клиентот е задоволен. Точно, има ситуации кога ќе ви налетаат неизживеани и нереализирани гости. Но, не заборавајте дека не можете да ги воспитате за тоа кратко време колку што ќе седат во вашиот локал. Вие не можете да одговарате за туѓата глупост и недоделканост, туку само за својата. Затоа, останете љубезни и достоинствени. Соработувајте со другиот персонал и направете ја работата уживање за сите. Нека не ви биде понижување да бидете конобари, шанкери и кувари (понижувачки се некои други професии кои ќе ги дискутираме во некој друг текст). Не заборавајте – најубавите приказни започнале се насмевка. Затоа, не штедете на насмевки… Работете достоинствено и вешто. Очите нека ви бидат како радари. Секој гест, секоја гримаса на клиентот е порака која треба да ја разберете. Гледајте го локалот како свој дом. Гостите како најблизок род. Останатиот персонал како браќа и сестри по крв. Правејќи така, вие градите една јака екипа која може било кој газда да го натера да размисли илјада пати пред да направи некоја глупост и да ве изгуби како скапоцена и добитна комбинација. Ви велам, нема газда кој не би бил спремен и ортак да стане со вас ако му ја полните кафаната со добри гости кои потоа насекаде зборат колку убаво си поминале во вашиот локал. Добрите вести брзо патуваат. Луѓето имаат добра меморија за тоа какви чувства сте им разбудиле. Всушност, луѓето тоа и најдолго го памтат. И на крај, ако и покрај вашиот 101% сепак не сте биле доволно ценети, ви останува опцијата да дадете отказ. Тоа е илјада пати подобро решение отколку да останете а да станете лоши и несовесни работници. Така можеби ќе го казните газдата, но верувајте, највеќе ќе се казните себе.

Посетено 5.723 пати