Едноставно, не ми е слатко туѓото, па дури и ако навистина среќа носело – Калина Коси
Седнувам во автобус. Се вртам и гледам 100-денарка на седиштето до моето. Помислив да не ми паднале од џеб, пошто стално нешто губам и пикам по џебови се и сешто, пари, мобилен, ракавици, марамици, посебно кога влегувам во автобус. Само оваа зима изгубив, односно затурив или заборавив капа, ракавица (една) и чадор во автобус. А може и на друго место сум ги изгубила, по пат, немам појма.
Првиот инстикт поради тоа ми беше дека и 100-денарката гарант ми паднала од џеб, ама не посегнав по неа. Срам ми беше. Некој да ми речеше во тој момент „Девојче, пари ти паднале“, ќе речев ко од пушка „Не се мои“. И стварно, може не се мои. Тоа ме одврати. А и да се, може требало баш таму на седиштето да ми паднат, баш тој ден. Нека ги.
Го извадив телефонот и почнав да скролам безврска на Фејсбук. На следната станица до мене седнува средновечна жена. Погледнав што ќе направи, зошто знаев за париве. Си ги зема во рака, седна, си ја стави ташната на нозете, ја отвори и си ги пикна внатре.
И сега муабетов воопшто не е за вредноста на париве, јаките пари, никој не може да се збогати од нив, туку за леснотијата со која таа си ги прибра. Не ме ни праша да не се случајно мои. Оти кога ќе видиш пари на седиште, а некој седи на соседното, логично прво треба да помислиш да не се негови или нејзини. Па да прашаш, како што јас би прашала „Ваши да не се, да не ви испаднале?“ Ма јок.
Некој ќе се срами да посегне по она што е можеби негово, а некој ќе си го присвои како да е негово без око да му трепне. Ни срам ни перде. А може и така треба, што знам. Може само јас претерано драматизирам, размислувам и непотребно морализирам, бог да чува. Може тоа само јас придавам преголемо значење на еден обичен потег со раката кој трае само 2 секунди.
Во основа, потегот е многу лесен, а можеби и безначаен за повеќето луѓе. Она, моја среќа по суеверие, кој си ги нашол – негови си се и слично. Може од мали мајките им викале на тие луѓе „Ене паричка некој си изгубил, трчи земи ја, твоја среќа е!“ Океј. Ама за мене не е така.
За такви потези во мојата глава се прави филм во кој сите очи на светот се вперени во мене. За такви потези на моите раце има обесено тешки тегови, не можам да ги помрднам.
Едноставно, не ми е слатко туѓото, па дури и ако навистина среќа носело.
Само се насмевнав и си помислив, ете, во право беше, 100-денарката требало баш таму на седиштето да падне, баш тој ден, баш за таа жена. Ми се виде насмеана. Дај Боже да ѝ донесат среќа!