ПИСМО ДО ДРАГАН СПАСОВ-ДАЦ, АКТЕР
ИСПРАЌА: ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Здраво Дац,
Вчера – 20 април, на ФБ објави дека ти е роденден и дека си многу среќен што се поклопи со Велигден. Значи, двојно празнуваше. Потоа, видов додаде фотографија со една свеќичка и напиша “почнав од почеток”. Тоа ми се допадна и ти напишав дека така и треба…
Веќе шести ден сум на театарскиот фестивал МОНОАРТ во Пеќ, Косово, кој е во организација на ИТИ (УНЕСКО) и Косово. Претстави со по еден актер, актери и гости колку сакаш: од Полска, Монголија, Русија, Германија, Романија, Косово, Црна Гора… Од Македонија сум само јас и тоа во жирито, а со мене се уште колеги од Германија и од Косово. И решив за роденденот да ти напишам писмо. Штета не од оние “старинските” долги и на хартија, какво којзнае од кога не си добил. Ама времињата се сменети.
На почеток сигурна сум дека не треба да ти се извинам што ти се обраќам со Дац! Ако направев поинаку и ти се обратев со Драган Спасов, ќе требаше писмово до тебе да биде далеку по официјално, отколку што сакам да ти кажам низ една ваква комуникација меѓу тебе, мене и читателот. Знам и дека доволно е и она првото до кого е упатено писмово, со името, презимето и плус задолжителното Дац. Знам дека секој од прва ќе знаеше дека е до тебе. Ама ќе требаше да ти пишувам само низ факти, некако поофицијално, помалку или повеќе, воздржано. Таквиот начин, мислам, би не оддалечил. Сепа, блискоста и препознавањето на/со луѓето е многу битна и за твојот и за мојот театар, и за твојот и за мојот живот.
Не очекувам да знаеш оти од пијалок љубам да се напијам чашка добро старо вино. Ова ти го кажувам само за да ти објаснам како јас те доживувам како “човек од гледалиштето” кој долго, долго те познава и на сцената и така – низ животот. Се работи за моја споредба, мое чувство кога те гледам на сцена. И затоа искрено ќе ти кажам дека којзнае колку пати во последниве години, по секој твој нов лик, повторувам: Дац е како старото вино, во секој нов лик или претстава е сè подобар. И, да знаеш, и другите ова го прифаќаат. Го потврдуваат како свое чувство кон твоите актерски креации. Искрено, и не знам кој прв почна, ама така е: најискрено кажано “отвараш” во секоја нова претстава, секој нов лик ти е сè по мајсторски осмислен, сите те фалиме и, се разбира, радуваме на твојата раскошна и разновидна сценска игра.
Напишав, да се вратам на почетокот од писмово, дека ако се каже само Драган Спасов (роден во Скопје, 1963), ќе има некои (во што се сомневам!) кои можеби и ќе се замислат, ама ако кажеш само Дац, веднаш се знае дека станува збор за актерот без кој повеќе од две децении и да нема претстава во Драмскиот театар, нова или која е од поодамна на репертоарот, во која токму ти не играш некој лик. Значи, би рекла, полека и сосема сигурно се развиваше и растеше на сцената, до денес кога си супериорен.
Кариерата на актер, и тоа во Драмскиот театар во Скопје ја започна во 1991 година. Тогаш и твојот татко Стево Спасовски беше во Драмски и играше во многу претстави. Го знам тоа чувство – вие како татко и син во иста професија, а јас како ќерка на мојот татко Иван, или Климе Мазов – исто во иста професија. Вие во Драмскиот театар, а ние во некогашната “Нова Македонија”. Знам Дац дека не е лесен тој пат. С? некој ќе се најде да се “посомнева” во твојата игра, или моето пишување. Мене ми требаше трпени и време. Сигурно и тебе. И многу се радувам на твојот сегашен статус на миленик на публиката и посакуван партнер на сцената.
Кога влезе во ансамблот на Драмски веднаш заигра на сцената. Тоа е онаа, да повторам 1991 година, по завршувањето на актерските студии во класата на професорот Слободан Унковски на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Ми остана во сеќавање, значи тоа било пред околу 23 години, дека стартуваше како харизматичниот млад актер, со широка насмевка на лицето. Таков си остана – и тогаш кога се чувсвуваш среќен и задоволен, ама и кога си на некој или нешто лут, или само тој ден “криво насаден” – пак некако на лицето ти се гледа добрината, насмевката. Ти си знаеш, а јас да си кажам: таа твоја насмевка не храбри и другите. Можеби некогаш може да е цинична, ама сè ќе да е од тебе, од твојот оптимистички став кон животот, од твојата вљубеност во професијата и во животот, од домашното воспитание. Покажуваш и докажуваш дека си човек кој верува во театарот и во себе. Сето она што те натажило, повредило, налутило – ќе помине.
Се сеќавам и на твојот прв лик со кој ни го покажа талентот, ставата, гласот и личотијата на актер кој, зошто да не, и ја краси сцената. Ни ја покажа поврзаноста и припадноста на сцената. Беше тоа ликот на Ѓорѓе Пиже во претставата “Не сега драга, најдобро е утре”. Истата 1991 година ти ја доби наградата за најдобар млад актер – за Ѓорѓе Пиже. Е тоа ти се вика прво па успешно (да не речам машко).
По речиси дваесет и три години на сцената, зад себе веќе имаш опус од стотина театарски ликови реализирани на матичната сцена, на други сцени (во Битола, Куманово, во Театарот за деца и младинци, во Македонскиот народен театар, во Младинскиот културен центар, во продукции на Универзалната сала и на Театарот “Хистриони”, во телевизиски серии како што е легендраната “Бушава азбука”, па во “Салон Хармони”, во “Обични луѓе”…, во хумористични серии и радио емисии, програми за деца, во филмовите “Трето доба”, “Ѕвездите на ’42”, “Крик на немиот индијанец”…
Во тие ликови од најразличен жанр и стил, ти Дац секогаш си свој, близок до себе и до ликот, близок, многу близок до гледачот. Низ интерпретацијата на новиот или стариот лик, растеше покажувајќи дека си секогаш оној кој се радува. Покажа умешност да го протолкуваш, навидум лежерно, човекот што е во неволја, човекот кој низ комика го сфаќа животот, човекот кој умее да сака или човекот кој од проблемите излегува како победник.
Таа леснотија, пластичност, динамичност, духовитост и над с? блискост во играта со партнерот и сите останати во претставата, ти овозможи да го надградиш талентот, да ни покажеш како на сцената убаво може и да се пее и како најубаво на сцената еден актер да може да се смее. Истото би го кажала и за ликовите кои си ги создал пред камерите – лежерно како и на сцената.
Умееш ѓаволски добро да се забавуваш, да не вовлекуваш во приказната на ликот и во претставата. Се покажа и како добар забавувач, како шармантен водител на квизови и на забавни програми. Од сè умееш да направи забава, да создадеш блискост со оној на кој му се обраќаш и на гледачот од различна возраст, оној кој дошол во театарот, или дома на екранот на телевизорот те гледа тебе Дац. Како човек кој забавувајќи се себеси, го забавува и оној што го гледа.
Еден си од оние кои го формираа “Хавана бенд”, а кога “се роди” кога ја снимивте песната “Балада за мајка ти и татко ти” направивте убава забава со послужување на мекици со сирење… Си направи и свој сајт “Мајка Ти и Татко Ти” кој има дневно, чинам, по повеќе од три илјади читатели. Сајтот релаксира, чесно се однесува кон секој од посетителите, па затоа и го читаме. .
Денес ти, ајде официјално, Драган Спасов-Дац си и еден од најнаградуваните актери во Драмскиот театар. По наградата за Ѓорѓе Пиже, ги доби наградите за најдобро театарско остварување на МТФ “Војдан Чернодрински” за Џанго во “Грев или шприцер” (1993), за Розенкранц во “Розенкранц и Гилдерстерн” се мртви” (1995) и за Симон во “Диво месо” (2001), наградата за епизодна улога “Димче Трајковски” за Тимчо во “Ни ќар ни зијан”, за улогата на Амадеус во “Амадеус” ја доби “Златната маска” на “Вечер” за најдобро актерстко остварување на “Охридското лето” (1996), за Розенкранц и Амадеус (истата 1996) наградата “13 Ноември”…
Во 1994 и во 1995 си прогласен за најдобар актер во својот Драмски театар. Си добил и многу награди за популарност. Во 1997 си именуван за генерален конзул на Првата детска амбасада во светот “Меѓаши” во Скопје, од 2000 до 2004 беше член и на Собранието на Град Скопје… Пред седум/осум години јавно побара да ја посвоиш претставата во Македонскиот народен театар “Доле влада” во која ти гостуваше, од која авторот на текстот Сашко Насев се откажа…
Мината 2013 година ја доби наградата “Петре Прличко рано ми звучи зад твоето име (мислам на годините)да стои награда за животно дело. Ама така е, наградата во вест на легендарниот актер Петре Прличко, роден велешанец, во 2006 ја востановија Општина Велес, Народниот театар “Јордан Хаџи Константинов-Џинот” во Велес и Здружението на театарски уметници “Џинот” и се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и паричен износ. Во образложението на жирито беше наведено дека “… со својата свежа и продуховена игра позитивно се наметнал кај публиката и кај театарската критика. Моќта за силни уметнички трансформации ја прави неговата игра секогаш полна со нијанси и затоа Драган Спасов-Дац на сцената зрачи со своите физички и психолошки варијации, а притоа суверено ја претставува современата и модерна актерска игра.
Сега ќе те именуван како “нашиот Дац” затоа што си од оние за кои, без задршка, се вели дека е роден актер. Во театарот си откако паметиш за себе: од мало дете покрај својот татко Стево Спасовски со кој повеќе од деценија дури и играа на истата сцена, во студентски или самостојни проекти, во Драмски и на други сцени. Кога како: кога во главен лик, кога во помал. Важно, секогаш во претстава која е битна за репертоарот, која се игра пред преполн салон, често и долго, претстава со која се гостува дома или во светот, на домашни и на меѓународни фестивали.
Сигурно не знаеш колкумина ги паметат твоите ликови/претстави. На некои ќе потсетам: Кандит во “Кинегонда во Карлоленд”, Ѓуро во “Комшилук наопаку”, играше во “Умри машки”, беше судијата Тасе во “Демонот од Дебар маало”, Бил во “Касапски кучиња”, во “Смртта на Дантон”, “Свадбата на Фигаро”, во “Платонов”, “Подземна република”, “Бура”, “Ништо без Трифолио”, “Оркестар Титаник”, “Женидба”, “Дон Жуан”, “Ферхад и Ширин”, “Лет во место”, “Маратонците го трчаат почесниот круг”, “мАЦЕДОНЕ одисеја 2001”, “Вообразен болен”, во мјузиклите “Чија си”, “Купидона”…
Многу си ја сакаше, исто како и ние гледачите, монопретстава “Облачна исповед”, во која Киро, багерист од втора категорија и самохран татко, побара уште едно небо и посед или имот во облаците, и сето тоа ти го одигра со чудесна топлина и тага, едноставност и комика. Последнава година/две, меѓу другите Игнат во “Генетика на кучињата”, одличниот Итар Пејо во “Огнени јазици”, Крале Марков во “Лет над кандидатското гнездо”, Стево во “Живот во тесни чевлички”…
Во “Генетика на кучињата” твојот Игњат е урнатиот столб на семејството. Многу стамено го покажа најбитното денес – важни се само парите. Преку твојата сигурна и полна со вистини игра, драг Дац, во претставата е доминантен и проблемот/судирот на генерациите. Твојот Игнат говореше, изгуби и умре сам – како и што го поминал животот. Измамите, злото и што уште не, за тебе како Игњат, се простор/состојба/карактер со кој ти владееш, а одлично ја одигра и состојбата на свесност за промашениот живот.
Во Театарот “Комедија” си гостин кој го игра Крале Марков во “Лет над кандидатското гнездо”. И токму низ твојата игра работите одеа во вистинскиот смер. Дејствието се случува/игра во некаков дилетантски провинциски театар, како претстава која се обидува илузијата да ни ја продаде како реалност, односно реалноста како илузија. Во долината, или клисурата изолирано и секој од којзнае каде е (ликовите вие актерите ги “вадите” на сцена од ѕид, од под земја, ползејќи, паѓајќи од никаде…), секој е сам со себе и со другите кои исто се опеани, изнараскажани и испеани, ама сега преку нивната опачина: Крале Марков, односно ти во овој лик.
Колку такви “животи” си одиграл на сцената?! И не е важна бројката, важно е дека публиката препознава сè што ќе одиграш. И публиката и јас затоа и те чувствуваме како старото вино. И низ чувството, повеќе сигурноста, дека со секој нов лик ти сè повеќе “отвараш”.
Духовит си и со задоволство ги читам и лајкам твоите објави на твојот ФБ профил. Од срце се смеев на песната што ја објави со наслов “Трговец”. Вака оди: Поволно чувам тајни / Продавам воздишки / Разнесувам чувства / Издавам допири / Дарувам бакнежи / Подготвувам сакање / Сервирам љубов / Доставувам симпатии / Врачувам нежност / Бркам збогувања / Само за насмевката. Се потпиша како ДСД и си го стави и бројот на мобилниот телефон. Колкумина ти се јавиле, колку си се “истргувал” – не знам. А и не би било фер да се кажува, нели.
Или она што го објави за сакањето кое тебе не ти недостасува. Напиша:
“Имав една другарка…
… Славица, Маја, Зорица, Билјана, Николина, Јасмина, Верица, Маријана, Ана, Калина, Јелена, Соња, Наталија, Сања, Лидија, Тања, Жаклина, Ивана, Ирена, Љубица, Софија, Благица, Тина, Душица, Ирена, Драгана…
…Многу ја сакав.
…
Мислам дека и она ме сакаше.
ДСД”
Кога сум кај твоите објави на твојот профил или на “Мајка Ти и Татко Ти”, на ФБ, чинам експресно како бомба се разнесе твојот став кон наградата и весникот “Дневник” во кој за 2013 година, а се доделува во 2014, побара да бидеш изземен од номинацијата за најдобар актер. Ама и сигурна сум дека тој сомнеж не ти е од годинава. Се посомнева во начинот на кој се доделува. Се разбира дека имаш право, и дека сето она што го напиша беше точно и “држеше вода”. Кусо, образложено, достоинствено за еден актер каков што си ти. Напиша:
“Му благодарам на ‘Дневник’ за номинацијата но… Ке морам да се откажам од наградата пред да биде доделена.
Прво: Ако јас ја добијам наградата не можам да присуствувам на свеченото доделување во МНТ зошто имам претстава во Драмски.
Второ: Јас имав и други главни улоги во 2013 година кои не се земени во обзир (веројатно не се ни гледани).
Трето: Во иднина би ве замолил да не ме номинирате за вашата награда. Би било добро никого да не номинирате туку, едноставно, да ја доделите на тој што сте решиле. Ќе ја има истата тежина, верувајте.
На добитникот од срце му ја честитам.”
Од весникот се понесоа срамно, да не речам долно, со текст полн со импровизации и навреди, со злоба и најмногу незнаење. Ти никого не навреди, само беше достоинствен во својот јавно изнесен став. Знаеш, кај нас одамна сме “навикнале” да не ја кажуваме вистината. Ти не си тој. На ФБ и од некои медиуми имаше и имаш голема поддршка.
Ти го почитувам и ставот дека “валканите мисли не се бришат со чергиче”. Така е Дац. Ти си силен актер и човек, а на малите ситни човечиња (ги викаме сончогледи) времето кога-тога им истекува. И си остануваат со срамот, ако воопшто го имале.
Ти си сега актер ѕвезда. Со големо искуство кое е валоризирано и од публиката, и од критиката и од разни жирија. И си ја носиш насмевката на “чистото лице”. Остани секогаш таков драг мој Дац.
И натаму ти посакувам секое добро. И за тоа што вчера објави дека си почнал од почеток.
ТСЛ
Пеќ, 21 април 2014
Превземено од ГЛОБУС