Kога мислиш дека од судбата поголем си
Кога мислиш силен дека си
за сам да се убиеш со збор
со само еден збор
со “збогум”
врз душата земја да фрлиш
и грбот да го завртиш
од сенката своја да се откажеш
и врз неа ноќта ја спушташ
за да ја снема
да ја запреташ
ја оставаш во темното да се изгуби
и потем во денот без сенка шеташ
оти сам си се убил
небаре нема навистина
еден ден да те снема
па се правиш поголем од судбината
од чкртнатото што ти е
како да можеш смртта со смрт да ја прелажеш
и без сенка уште долго
долго да живееш
како пола чоек да си
и не знаеш што останало
а што си изгубил
дали од се’ твое што е
половина снемало
па сега шеташ како на две пресечен
или срцето цело ти распукало
ама ете
барем говорот ти останал
како да ќе имаш што да кажеш
кога во градите пилето ти умрело
така е кога мислиш дека силен си
дека си поголем од среќата
та ја шуткаш од ќош в ќош
дека поголем и од љубовта си
па ја делкаш
кастриш
ја облиш или остриш
како дрво да е
како да не е кревка и толку ретка
и умираш
неосетно
незнаејќи гробот си го копаш
и те чуди земјата под нокти
секое утро што ја наоѓаш
оти умираш
умираш
кога мислиш дека од судбата поголем си
умираш…