Горко кафе
Кога столовите ги потпираат своите
чела на масите – како да размислуваат
а чистачките ја метат ноќта од подот.
Кога келнерите испеглани ги преслекуваат
кошулите на масите
а радиото го најавува скорашното прво
горко кафе десно од последната страница
на весникот.
Кога озонерот само го влошува тешкиот
хедонистички здив на завесите
а готвачките оставаат дел од себе
во казанот со чорбата.
Кога барменот гледа низ беспрекорно
чистите чаши во кваката на вратата,
очекувајќи го првиот редовен гостин
(кој во последно време има проблеми
со стомакот).
Кога се палат првите (на раат) цигари,
додека сонцето се одбива од пепелникот
на масата до прозорецот.
Кога келнерите ги бројат ситните пари
во паричникот
(едниот налутено ја отстранува флеката
израсната под џебот на новиот црвен елек).
Кога провевот сигурно ја отвора вратата
и сите истовремено се вртат мислејќи дека
сум тоа јас,
Грација со спокоен чекор минува од
спротивната страна на улицата.
Нејзиниот правилен профил во рамката на
вратата го крева целиот персонал на нога.
Една долга секунда со неа е доволен бакшиш
за цел ден.
Ја испраќаат со занесен поглед и се гледаат
в очи при првото наздравување.
Потоа облаците ги испраќаат првите
капки-извидници да ја проверат подлогата,
и се залетуваат силно и кратко
колку да му отворат работа на сонцето.