Да се вратиш во градот
Да се вратиш во градот
кога улиците ги пустоши сонот
и да ја паркираш колата под
осветлениот прозорец,
со дебела грижа на совест
и со пријатно курвинско чувство
дека некој не спие поради тебе.
Да се вратиш во градот
заедно со пролетта,
од некој студен велеград,
и со капут на рамо
да набереш букет јорговани
пред да му се придружиш
на твоето пијано друштво кое
сè уште мимозите ги полева со оцет.
Да се вратиш во градот,
истиот од памтивека
а сепак целосно изменет.
Иако знаеш дека на светот
постојат прекрасни острови, мориња,
палми, планини, вулкани…
Да се вратиш во градот
како што се враќал и Рембо.
Со пари или без нив,
повреден или пресреќен,
од носталгија или од немај-каде,
со авион или автостоп.
Да се вратиш во градот
и да забележиш работи што
не си сакал да ги забележиш,
истиснувани од ретките блесоци.
Да се вратиш за да можеш
побезболно да заминеш засекогаш.
Да се вратиш во градот
кога хормоните се бескрупулозни,
кога на тротоарите се навестува секс
а ноќите сè повеќе ги оддалечуваат
од себе твоите порочни врсници,
без да очекуваш да го најдеш
неизменето она што само во
сеќавањата може да остане
неизменето.
Да се вратиш во градот
додека сонцето изморено
заоѓа во твојот нараспослан кревет.
Не за да умреш во него,
туку да се наспиеш ко човек.
16.03.98
Посетено 505 пати