Да имаш во секое време

Јовица Ивановски
Јовица Ивановски
Да имаш во секое време резервно перце
и резервна прва жица за гитарата.
По неколку книги истовремено недочитани
и дваесетина песни речиси недопишани.
Да имаш грамофон под плочите на Висоцки,
машина за громогласно пишување песни.
Чиста чаша, шише, добар вкус и трпеливост
и мало, гласно, зелено вонземјанче на прозорецот.
Да имаш нов именик и желба да го пополниш,
слободен телефон и смелост да го употребиш.
Две-три точни адреси да не ти скитаат писмата
и една девојка да ја соблечеш во песнава.
Да имаш во секое време платно и налудничавост.
Храброст да ги обиеш трезорите на секојдневието.
Да ги читаш улиците, да ги листаш ѕидовите,
да ги освоиш покривите со знамињата во очите.
Да имаш во самотиите цигари и фантазија.
Едно силно чувство (чудно чувство кое не можеш
да го одгатнеш).
Речник со триста неупотребени зборови
и благост во острите агли на насмевките.
Да имаш маси и ќош-столови во сите кафеани.
Да имаш достојна почит меѓу маалските легенди.
Жонглерски да го штопираш времето на градите
и силноволејно да го шутнеш сто години понапред.
Да имаш вообичаени проблеми со мрзеливоста,
да ја негуваш плодноста на здодевноста.
Сто години во минатото, сто години понапред,
да живееш во утрово денешно, со нозете испружени
во недоглед.
1995. Скопје
Посетено 511 пати