Знаете ли што е синдром на злобен свет?
Овој синдром нема директна врска со патувањето, туку со одбивањето да се патува, односно страв да се напушти местото на живеење
Синдромот на злобен свет е дел од теоријата за култивација, според која луѓето растат и живеат опкружени со културолошки приказни формирани од телевизискиот медиум, дека местото кај што живеат е сигурно, додека остатокот од светот е опасен и страшен. Односно, живеат во светот кој им го прикажува телевизијата, а не во социјалната реалност.
Овој синдром произлегува од позицијата на мас медиумите кои го прикажуваат светот многу пострашен отколку што навистина е.
Мас медиумите фаворизираат теми на деструкција, перверзија, тероризам, убиства, силувања, природни катастрофи, кои што секојдневно ги пласираат во вид на информации. Овој синдром може да се претвори во болест и да има мноштво негативни ефекти врз животот на поединецот. Заради постојаното чувство на страв, оној кој живее според нивната реалност, по секоја цена избегнува да патува било каде. Овој страв е проследен со бројни негативни мисли формирани од медиумите, кои го зазеле местото на искуството и личното доживување на посета на некое ново место надвор од домот.
„Оној што ги раскажува приказните за културата, го обликува човековото однесување“, вели професорот по комуникологија Џорџ Гербнер, создавачот на теоријата на култивација и на синдромот на злобен свет, синдром кој сè повеќе е застапен во современото живеење.