Игор Џамбазов за „8 Март“: Жени, не дозволувајте да бидете само обична бројка во Влада и Парламент


„Слободна, модерна, независна, глава на семејството, оти мажите одамна не се тоа. И се разбира убава. И однадвор и одвнатре“, вели најдобриот шоумен Игор Џамбазов опишувајки како,според него,  треба да изгледа современата жена, жената на 21 век. Денес е „8 Март“, ден кога на жените им се обрнува поголемо внимание од вообичаено, со што е изгубена вистинската смила на постоењето на Денот на жената. Од негов агол за жените низ минатото, сегашноста, за жената борец, мајка, сопруга и жената која, како понежен пол, треба да направи светот да биде добро место за живеење.

Што за тебе значи Денот на жената?

-Првата асоцијација за „8 Март“ ме враќа во најдалечното минато, во моите најрани училишни денови – Се сеќавам дека главната борба во класот беше кој ќе и подари најубаво нешто за „8ми Март“ на нашата учителка, легендарниот педагог Вера Томова, која замислете била учителка и на мајка ми Анче, а дваесетина години подоцна ме учеше и мене. Тоа обично беа честитки на шарена хартија, со невешто напишана порака која гласеше: „Среќен 8ми март учителке најмила“, и плус една роза…

Игор со сестра му Тања

Како ти реагираш на овој ден, кога станува збор за жените?

-Денес не реагирам никако. Но тогаш, во тоа време, никако не ми беше јасно зошто жените имаат свој празник, а ние „мажите“ – НЕ. Тоа беа плачки и плачки кога покрај мајка ми, тој ден подароци ќе добиеше и сестра ми Тања. Се сеќавам дека една година толку многу се налутив, што се повлеков во својата соба и одбивав да комуницирам со останатиот свет. После долги преговори со моите родители, тие ме убедија дека ден после „8ми Март“, поточно 9ти март е всушност денот на мажите, така што од утредента и јас добивав подароци. Немаше никакви специјални прослави. Можеби татко ми ќе ја однесеше мајка ми на некаква вечера, или едноставно ќе го собереа своето друштво кај нас дома, па жените правеа специјалитети во кујната,  а мажите играа преферанс. Но, тоа ионака го правеа секој ден. Значи ништо посебно..-

Колку знаеш да направиш изненадувања? Како реагираш или како го прославуваш со жените кои биле во твојот живот?

-Е за тоа бев цар. Се сеќавам дека кога почнав да пишувам, така малку посериозно да се занимавам со поезија, им подарував песни. Голем дел од жените со кои сум бил во животот добиле таков подарок за „8ми Март“, а некои тие пусулчиња на кои им ги пишував песните, па им ги оставав во нивните поштенски сандачиња, ги чуваа за спомен. Некои од тие песни дури и ги објавив…

Дали жената треба да се почитува само на „8 Март“?

-Тоа се подразбира. И затоа смешно изгледаат сите овие денешни прослави организирани по меаните и рестораните, на кои нема ништо од суштината на овој празник, но затоа има многу алкохол, играње, скокање, врискање… Утредента малку каење, и така. Се разбира дека жената треба да биде почитувана секој ден. На жените им е потребно само малку внимание, по некој убав збор, комплимент…најмногу пали она: „Леле колку си ослабенаааа… хахахахаааа…

„8 Март“ почнал да се одбележува како ден на  борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Како денес ти изгледа овој ден, колку го има изгубено своето вистинско значење,  по два века постоење?

-Денес ми изгледа изморено, мислам на празников. Се прославува борбата за нешто кое одамна е постигнато и достигнато. Еманципација на жената во сите сегменти на постоењето. Се разбира дека и денес постојат повеќе точки на планетата земја во кои жената се уште се смета за предемет, за работна сила, подложена на секакви видови угнетувања, мобинг, понижувања, семејно насилство. Кога ваквите нешта ќе ги снема, веројатно ќе го снема и споменот на овој ден.

Дали феминизмот го постигна својот максимум, се изедначија ли жените со мажите и дали треба да имаме посебен ден на жената, ако веќе сме еднакви?

      Игор со татко му, маестро Александар Џамбазов

-Феминизмот е во растеж, и тоа е само уште еден доказ дека жените се уште се борат за тотално изедначување со мажите. И стануваат се похрабри во своите одлуки и делувања. Престанаа со своето двовековно молчење и почнаа да ги решаваат работите на глобално ниво. Сетете се само на случајот на холивудскиот продуцент Вајнстајн, кој со години ги злоупотребувал, уценувал и сексуално ги вознемирувал сите жени во неговата околина. Но тие пред некоја година излегоа во јавност и го обезличија овој предатор, човекот за кого сите мислеа дека е недопирлив и семоќен. Или пак појавата на малата Грета Тунберг и нејзината борба за планетата…

Дали во Македонија препознаваш некоја Александра Колонтај, Роза Луксембург,Клара Цеткин.., некоја која влијаела врз промената на опшеството?

-Денес во Македонија навистина има жени за почит. Жени борци, жени кои се пример во општеството, жени лидери во своите области. И многу им се радувам. Кога ги гледам нив и нивните приказни сигурен сум дека нашите жени се доказ дека се уште има надеж за жените воопшто. И за пример ќе ја издвојам мојата пријателка и колешка Весна Бејби Петрушевска. Најискрено и се восхитувам, за се што прави во име на жените, а особено за децата…

Што би им препорачал на жените политичарки кај нас кои имаат можност нешто да направат, но тие само седат во фотељите во Влада и Парламент?

-Да не дозволат да бидат изманипулирани од врхушките на своите партии, па да бидат третирани само како обични бројки во парламентот. Тоа што денес ги има на изборните листи, и тоа 50 проценти, може да биде меч со две острици. Но верувам дека ќе успеат да се изборат за своите, но и за правата на сите жени во Македонија. И да, ќе го кажам и ова-време е за жена претседател, жена премиер…

Интервјуто е превземено во целост од ММС

Фото: Иван Наунов

Посетено 4.719 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!