Нека е честит Денот за зашита на животните, 4-ти октомври!

Добро утро, убав мој народе!

Колку си добар, тоа не знам бидејќи веќе две години ме убедуваш во спротивното, удирајќи ме одново од земја со секој обид да изиграваш божество. Но… денеска ќе се обидам да не размислувам на тоа, туку имам убава причина за радување, денеска е Светскиот ден на заштита на животните! Тоа значи дека се’ што правите обидувајќи се да бидете шерифи на градот е погрешно и несмасно.

Животните имаат права, имаат права на живот, имаат право на здив. А ти, обичен смртнику, го немаш правото на одземање на нивниот живот. Како што ни некој друг има право на одземање на твојот. Среќен си дека си човек, нели, а не животно. Среќен си затоа што не мораш да ја делиш судбината на милијарда бездомни кучиња и мачиња… Но, си полош од секое диво крволочно животно! Полош си, затоа што напаѓаш без причина, без адут, само затоа што три пати те залајало и два пати те потегнало за ногавица, не ти дава за право да го убиваш, малтретираш и злоставуваш!

Животното напаѓа поради инстинкт, а ти? Поради сопственото огромно ЕГО! Ете поради што… и се’ уште ли се прашуваш кој е овде ѕверот? Ѕверот си ти! Полош од секој лаеж за кришка сув леб и канче вода, полош си од секој заб на куче кое влече ногавица за трошка внимание, полош си од секое ситно мјаукање зарипнато од жед и глад.

Полош си од секое беспомошно куче удрено кое лежи на асфалт во сопствената локва крв чекајќи го испуштањето на последниот здив. Полош си од секое губење последна надеж дека ќе се спаси од Штенечак, Парво, Лајшманиоза! Полош си, а плус… а знаеш зошто? Затоа што за поголемиот дел од ова, си ти виновен. Ти што го исфрли кучето на улица како партал кога ти здосади, ти што го удри и избега, ти што би повредил и дете со брзина на светлината без око да ти трепне, ти што велиш дека лопатата му е спасот.

Грозно!

Апропо муабетов, сабајлево додека одев на работа, во автобус слушам муабет на еден постар човек (дедо пензионерче) и женичка во средновечни години. Зборуваат нешто за кучињата. Се’ си беше прилично супер додека дедово не ја искака работа. Имено рече, абе ако не Вардариште со лопатата ќе си ја среди работата. Но, и беа видно РАЗОЧАРАНИ што луѓето попрво би те обвиниле за убиство за куче, отколку човек.

Се згрозив. Деденце, ајде врви си по патот и пазари си. На кучето не му требало куќарка, ќе си се снајдело, добро ајде ќе ти помине. Не се сите нели со педигре и привелигирани. Ама не само што ја искака, туку поштено ја усра работата! Ти личи ли на годините, деденце? Не! Што ќе ги учиш твоите внуци?

Плус, луѓенца разочарани, ќе ве разочарам уште толку ама знаете ли колку убиства се извршени во самоодбрана? Не знаете? Ок, можеби и половина. Не чувал Господ, па барем немаме сериски убијци, ама затоа имаме сериски трујачи! Трујачи кои сејат отров во храна, вода, по паркови и училишта, по третоари… и не размислуваат дали притоа некое дете ставаат во опасност.

Имаме масовни сериски злоставувачи на миленичиња, од спалувачи до распарувачи. Психпат до психопат, а толку мала земја! Како јас да не се плашам дека може утре да премина на луѓе? Знаете ли колку убијци започнале со животни најпрвин? Не знаете. Е па едуцирајте се.

Темава е долга, макотрпна, но извор на бескрајни колумни од кои ми гори душава. Јас не знам за овие две години колку пати брбљав едно исто, за жал. Најсреќна би била кога сите би биле среќни и насмеани, кога проблемите би станале минато. Кога би биле барем половина од Холандија! Првата земја без бездомни животни! Земја во која сите се насмеани дури и да не купиш ништо!

Поздрав, убав народе со трул карактер.

И само да знаеш, дека ова што те условувам со УБАВ е класична метафора за УБАВА ДЕВОЈКА со расипана душа. Однадвор сјајна и топла, насмеана… ама седни со неа, имај ја дома и ќе и’ го видиш трулиот памет и расипаниот караткер. За странците сме толку мили, абе убавинки… ама за домашните… души покварени.

Посетено 301 пати