Не е срамота да отидеш на психијатар, срамота е да читаш на Гугл за тоа дали си можда депресивен/на!
Здраво, пријатели и пријателки…
Денеска е Светскиот ден на менталното здравје!
Како и секој пат, и овој пат ќе зборувам за сериозни теми… а денес имам и повод…
Колку ние внимаваме на него?
Мислам дека скоро ич, и да внимаваме… клукаме дијазепами и лексилуми, па уште кога сме први меѓу државите кои користат најмногу антидепресиви по глава на жител!
Инаку, нема да изнесувам статистика, туку ќе се обидам да ја приближам свеста кај народот, онака аматерски. Искрено, не сум најмеродавната и компетентната личност која можете да ја слушате како ви „попува“ за грижата за сопственото душевно здравје.
После, онаа колумна со депресијата и самоубиството, осетив олеснување. Не дека се гордеам, напротив, туку дека поттикнав на размислување. Македонците во суштина се буквалисти, па мојот крут сарказам понекогаш им делува премногу брутален, за жал. И кога ќе го испревртам насловот, доаѓа до забуна и негодување. Мислам… ретко кој го чита текстот, сите се лепат на насловот. Неславен факт.
Хмм… ќе направам една мала ретроспектива и ќе го изнесам мојот став околу депресијата. Кога напишав дека и јас мислев дека сум депресивна, навистина го мислев тоа. И ден-денес мислам дека ме фаќа некоја ужасна депресија, но испаѓа дека само сум меланхонична. Некогаш во прашање е времето, некогаш некој настан што се десил, некогаш е ПМС, но дефинитивно е станува збор за депресија.
Пред неколку години, бев на невропсихијатар 15 минути преку МојТермин. Супер. Му кажав во 5 минути што ми се дешавало, 5 минути ми објаснуваше што ми се случувало и 5 минути пред и потоа краток разговор. Од кај него излегов со објаснување дека сум имала некаква епизода на инсомнија и даден рецепт за смирување на природна база. Никогаш не отидов во аптека да ги купам, ниту името не го памтам.
После една година, животот ми се смени нагло на подобро, без да испијам ниту едно апче за смирување. Кратко по моето воскреснување од мртвите, од кога влезе мојот витез во животецов, изгубив една многу драга личност и тогаш сфатив дека се’ за кое сум сметала дека е депресија, било само обична фарса.
Депресијата ја осознав на многу брутален начин, на начин на кој што никому не му го посакувам тоа. Јас немам депресија, јас имам анксиозност. Јас немам самоубиствени нагони, јас понекогаш страдам од панични напади. Јас не се плашам од сопствената сенка, јас се плашам од сенките на другите. Јас не гледам непостоечки нешта, јас се гушам од помислата на одредени нешта. Но, јас немам депресија.
И ќе сретнам илјада статии дека МОЖЕБИ СТРАДАТЕ ОД ДЕПРЕСИЈА, симптоми кои алудираат на анксиозност, меланхонија, ПМС (постои колку и да негирате)… па, дури и јас да прочитам 12 ЗНАЦИ ДЕКА ИМАМ ДЕПРЕСИЈА, ќе најдам барем 5. Но, сепак… јасно е дека јас немам депресија.
Депресија е пријатели, кога не признавате дека имате депресија. Кога се смеете без престан и делувате како најсреќната личност на светот. Депресивните луѓе никогаш не бараат помош, тие помошта ја бараат во себе. Депресивните луѓе НЕ ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ СЕ УБИЈАТ, ОТРУЈАТ… Депресивните луѓе не ги откриваат своите самоубиствени нагони. Можете да бидете со таа личност и со години, а да не знаете дека планира нешто.
И викајте ме идиот, и викајте ми: браво, така е… Но, ако чувствувате дека НЕШТО НЕ Е ВО РЕД СО ВАС, тогаш посетете психијатар. Јас го пронајдов мојот… и кога ми откри некои работи, не можев да поверувам. Чудна е потствеста, уште почудна е нејзината моќ!
Како и да, сума сумариум, никој не знае што има додека вистински не отиде кај стручно лице. Бидејќи секој го таи за себе, многу тешко ќе успеете некого да натерате да посети психијатар. А, секој МОРА да е ЛЕКАР за себе. Ништо не е срамно, отидете и поразговарајте. Не боли, а многу помага.
Додуша боли… боли кога ќе ја откриете вистината. Но, ќе ви олесни…