„Фитнес-селфи“ укажува на психолошки проблем
Луѓето кои што постојано се фотографираат себеси додека вежбаат, не само што се здодевни за околината, туку можно е да имаат психолошки проблем, открива новата студија
[dropcap]С[/dropcap]екој од нас познава некого кој постојано објавува селфи фотографии додека вежба. Според едно ново истражување, овие личности имаат психолошки проблем односно се многу нарцисоидни личности. За овој заклучок можеби не е потребно истражување, но од универзитетот „Брунел“ сметаат дека добиле интересни заклучоци и во најмала рака го означуваат ова однесување како проблематично.
Нарцисизмот е познато човечко однесување, а самољубието се смета за штетно однесување уште откако Нарцис се дави во езерото, посакувајќи да го допре сопствениот одраз во водата, заљубен од самиот себе. Нарцисоидното однесување се смета за штетно, само доколку премине во патолошки размери, односно кога се губи чувство за емпатија и одговорност кон другите.
Новото истражување открива дека оној што постојано се фали со својот фитнес изглед и „лови“ лајкови и коментари, пати од многу голема доза на нарцисизам, односно психолошки проблем кога луѓето стекнуваат задоволство од самовосхит. Истражувачите анкетирале 555 корисници на „Фејсбук“ и откриле дека оние кои што позираат во фитнес сала и собираат лајкови од своите постови, имаат за цел да привлечат што поголемо внимание и восхит. Истражувањето ги мерело особините на личноста како екстровертност, невротичност, отвореност, согласност и совесност. Исто така, ова истражување открива дека оние „Фејсбук“ корисници кои често објавуваат фотографии со своите партнери, патат од мала самодоверба.