Четиридневно уживање во врвни вина, гурмански деликатеси и најдобрата музика од Македонија на „Вино фест 2018“
Четиридневно уживање во специјално селектирани вина на домашните винарници и внимателно избрани деликатеси, дополнети со квалитетна музика на најпознатите изведувачи од Македонија, ги очекуваат посетителите на годинешната манифестација „Вино фест 2018“, која компанијата „Веропулос“ традиционално ја организира пред Веро центар во Скопје.
Манифестацијата и годинава ќе се одржи на отворениот паркинг на Веро центар. Почетокот на „Вино фест 2018“ е закажан за 12 септември (среда), а уживањето во добро вино, храна и музика ќе трае до 15 септември (сабота). Првиот ден од настанот ќе го отворат групите „Љубојна“ и „Фолтин“, кои со своите уникатни настапи го привлекуваат вниманието не само на домашната, туку и на светската публика. Во следните два дена посетителите ќе уживаат во волшебните звуци на музиката на Јаков Дренковски и на легендарниот Игор Џамбазов, како и на Тони Китановски и Черкези оркестар и на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски. Манифестацијата ќе се затвори со настапите на групата „Куку леле“ и на фолк-ѕвездата Миле Кузмановски. Во текот на сите четири дена, атмосферата пред настапите на музичарите и бендовите ќе ја загреваат диџејските сетови на Чваре, Флудер, Дарко Марковски и Маци.
Најновото издание на „Вино фест“ ќе овозможи уживањето во врвни домашни вина, но ќе понуди и концепт на гастрономско бистро со деликатеси од реномирани домашни и странски производители. Посетителите ќе може да ги дегустираат најпознатите вина на винарниците „Тиквеш“, „Бовин“, „Стоби“, „Еземит“, „Далвина“, „Пивка“ и „Гама“ и пијалоците на Пивара Скопје по промотивни цени, додека гурманското задоволство ќе го овозможат деликатесите на производителите „Чеза“, „Единство Челопек“, „Златиборац“, „Линдт“ и „Еуромес“.
– „Вино фест“ е традиционална манифестација чија примарна цел е да ги промовира домашните вина и храна, со што на локалните производители ќе им даде дополнителен стимул за натамошен развој на нивните бизниси. Во исто време, на посетителите им нуди уживање во врвни вина и деликатеси, зачинето со одлична музика на најреномираните домашни изведувачи. Бројот на посетители на „Вино фест“ секоја година е сѐ поголем, а за нас тоа е најдобар показател дека успеваме да направиме совршена комбинација на врвно вино, најквалитетна храна и прекрасна музика. А тоа е основната цел на Веро – на своите потрошувачи секогаш да им го понуди најдоброто – вели Љубица Короскоска, маркетинг директор во компанијата „Веропулос“.
Музичката програма на „Вино фест 2018“ секој ден ќе почнува од 19 часот, а ќе трае до 1 часот по полноќ.