Анксиозноста не е болест, туку е состојба: Искрено интервју со Марија Прличкова

Интервјуто е направено за Смајли.мк.

Кога некој ќе ви рече дека анксиозноста си ја создаваме сами затоа што ни е многу досадно, покажете му го ова интервју. Зошто би го сториле тоа?

Е, па, вака, драги читатели… Марија Прличкова е пра-внука на познатиот и истакнат македонски актер, Петре Прличко (всушност, Прличко бил прв братучед на нејзиниот пра-дедо), која сосема искрено и отворено ни раскажува за нејзината вечна борба со анксиозноста. Марија имала анксиозност уште откако била дете! Затоа, размислете дали сте доволно информирани и дали им обрнувате доволно внимание на вашите деца.

Нејзиниот пра-дедо, Прличко бил глумец, ама Марија е писателка, а нејзина прва книга е „Марла“. Се сомневаше ли некој дека анксиозните луѓе може да бидат креативни и успешни? Жалиме за разочарувањето, но анксиозноста нè прави многу помоќни отколку што можете да си замислите!

Сега, да не ја вртиме многу, уживајте во интервјуто со милата Марија.

Рече дека цел живот имаш анксиозност. Кои беа симптомите кај тебе? Која беше најраната возраст кога ги забележа?

Во текот на целиот живот јас се соочував со различни симптоми како преголема трема, немоќ да поставам најобични прашања кон наставниците, страв од исмејување, страв од „што ќе речат другите“. Сите овие симптоми ги препишував на мојата срамежливост. Иако длабоко во себе чувствував дека сепак нешто не е во ред…

Најрана возраст можеби беше кога почнав во петто одделение. Тогаш нашите одделенија се менуваа и многу од моите соученици со кои другарував заминаа во друга парарелка, а на нивно место дојдоа сосема нови. Тогаш почна булингот и мислам дека се подоцна е трајна последица.

Симптомите се „засилија“ во средно. Нова средина, нови луѓе. Паника дали ќе бидеш прифатен од околината, повторно истите стравови само што овој пат веќе бев „созреана“ и потешко ги прифаќав новите предизвици.

Што презеде кога дозна дека се работи за анксиозност?

Уф, па иако јас не знаев дека мојата состојба има име, сепак јас на многу начини се трудев да се победам себеси. Да, до толку бев „неинформирана“ што мислев дека си работам сама против себе. Затоа напишав и книга за да го победам стравот и да им докажам на другите дека можам и дека сум многу посилна од една обична плачка како што дотогаш ме опишуваа.

Откако вистински дознав за анксиозноста, тогаш ми олесна. Сфатив што ми се случува, сфатив зошто сум колабирала за време на испити и за време на важни случувања, сфатив зошто имав епизоди на инсомнија и панични напади, и разбрав од каде ми се сите стравови поврзани со околината.

Која личност ти е најголема поддршка? Како ти помага? А дали останатите членови од семејството имаат разбирање?

Дечко ми Емил. Без него никогаш немаше да дознаам за мојата анксиозност и без чија помош немаше да можам да ја намалам до некој одреден степен. Тој цело време ме охрабрува, без да ме осудува. Тој целосно ја разбира мојата состојба и нема никаков проблем со тоа. Дури многу пати ме нарекува „анксиозно маче мое“. Од останататите членови кои имаат разбирање би ја вбројала и мајка ми, бидејќи воедно е и моја најдобра другарка, и таа ме охрабрува да бидам поборбена и да не премолчувам.

Секако, и останатите членови имаат разбирање за мене, иако не говарам многу на оваа тема со моите најблиски.

Раскажи една случка каде анксиозноста била на високо ниво и како си се соочила.

Уф, има баш доста ситуации кога анксиозноста била на високо ниво. Ќе ја опишам мојата прва „посериозна средба“ со нејзе. Бев да полагам испит по математика во прва година средно. До тогаш едниците и воопшто „оставањето за во јуни“ беа за мене непознат поим. Отидов после долгите две недели бубање.

Влегов во просторијата за полагање и ме облеа ладна пот. Луѓето ги гледав како нацртани со темни бои. Прв пат ми се случи такво нешто, едвај се задржав на нозе. Ја прашав другарка ми која исто полагаше тој ден дали може да ме придружи до тоалетот.

Таа рече дека се плаши дека тоа ќе ја налути професорката и ќе ја остави да полага во август, па ми рече да одам кај професорката и лично да ја прашам дали можам сама да одам. И без да го кажеше тоа, јас веќе видов страв и двоумење во нејзините очи, затоа само отстапив. Смогнав сили и едвај прашав дали може да одам. Во тој момент, таа се исплаши.

„Бледа си како крпа, добро ли си“ – ме праша.

Силите веќе ме издаваа. Косата почна да ми се мокри од студениот врат облеан со ладна пот. Повика некоја колешка и таа ми даде некои бомбони да се освежам. Но, безуспешно.

Професорката даде знак кон колешката да ме носи горе во собата на професорите. Беше јасно дека ќе повикаат Брза Помош. Веќе еднаш пред неколку месеци го направија истото. Последно што се сеќавам беше дека одевме по скалите и дека се сретнавме со некои професори. Потоа, се разбудив во една соба, бев легната на кревет. Околу мене беа собрани многу професори, меѓу кои и директорот. Ми го препишаа нејадењето како фактор за моето онесвестување.

Потоа дојде Брзата Помош, од која и денес имам трауми од звукот. Ми шибнаа инјекција, а јас се зезав дека е првата во животот, барем од кога знам за себе. Ми кажаа дека е од стрес. Тогаш не сфатив, но сега знам. За да анксиозноста ме потсети на тоа уште едно 7-8 пати на ист начин.

Како се справуваш со желудочните проблеми кои се последица на анксиозноста?

Уф, скоро па никако, хаха. Час ги има – час ги нема… Најчесто се појавуваат при голтната огромна доза на нервоза. Кога збирам во себе и на крај мојот желудник експлодира. Ситни тегоби имам дури и кога се присеќавам на тие моменти, како сега во моментов. Мислам, ние што сме анксиозни цело време си ги повторуваме мислите и од пред година-две-три, па дури и пред 15 години. Само затоа што се „проверуваме“ дали во тој момент сме постапиле исправно или не. Дали со некоја наша постапка сме навредиле или повредиле некого.

Барем да имаме супер-моќи со кои би го вратиле времмето назад… Неспомнувајќи си себеси дека нас не имаат многу повеќе повредено и дека нашата анксиозност не е само обичен „дар“, туку има причина…
Да се навратам на прашањето, па пробувам да се смирам. Многу пати си мантрам во себе дека сум добро и ќе бидам добро и понатака, дека немам зошто да се плашам, дека во ред е што не сум совршена и дека не сум единствена. Дека сум силна и можам да го издржам тој товар што ме осипува… Дека ќе успеам.

Ретко пијам лекарства за желудник. Ептен ако има потреба…

Според тебе, зошто мислиш дека се бориш со анксиозност цел живот? Што е тоа што ти ја предизвикало?

Како што и претходно кажав, последица е на булингот во училиште. И што и да се смени, мојата анксиозност не верувам дека туку-така ќе исчезне. Јас и понатака имам страв од ново работно место, од нова околина, од нови луѓе. Се борам како знам и умеам без употреба на никакви антидепресиви и лекови за смирување… Како стареам, толку повеќе уживам во сопствената самотија отколку во друштво  на нови луѓе затоа што едноставно ме гуши самата помисла дека нема да бидам прифатена. Уживам кога сум си во онаа комфорт-зона со најблиските… Тогаш сум јас и сум своја.

Дали психотерапијата ти помогнала? Дали имаш некаков напредок?

На вистинска психотерапија сè уште не сум била, но мојот дечко е одличен психијатар. На почетокот од нашата врска имав неколку панични напади и тогаш му објаснив сè што сум преживеала. Од него дознав за анксиозноста и научив како да ја „редуцирам“… Научив уште повеќе како да живеам со неа… Моите панични напади се значително намалени, скоро и да ги немам. И некои стравови се веќе целосно исчезнати.

Инаку бев кај училишниот психолог два пати, и убаво разговаравме. Причината беше неконтрлирано плачење поради тоа што еден соученик ми се издра. Тогаш, класната ме испрати кај психологот. Вториот пат беше своеволно… Ја частев за роденден. Ја сакав бидејќи ме разбираше. Нешто со кое што не се среќавав баш најмногу во училиште. Пред психологот од средно, беше само учителката до четврто. Голема разлика, нели?

И еднаш бев на невропсихијатар кога имав серија на инсомнија. Тогаш, тој ми рече дека сум имала некаква епизода и дека ќе се среди. Само треба да пијам некои лекови на природна база. Никогаш не ги купив.

Каков совет ќе им дадеш на младите кои се борат со анксиозност?

Прво да сфатат дека тоа НЕ Е БОЛЕСТ, туку СОСТОЈБА. Дека не е поврзана со депресијата и дека нема простор за паника. Треба да ја прифатат како дел од својот живот и начин на живеење. Да сфатат дека не се сами и дека секогаш ќе има некој кој ќе ги поддржува, макар и да е тоа „виртуелно“ во нашата група на Фејсбук – Анксиозност, панични напади и стравови.

Ете така, се надеваме дека преку ова интервју добивте доволно корисни информации околу анксиозноста и уште повеќе ги разбирате анксиозните луѓе.

Дечки, следете ги Смајли кои се борат за анксиозните луѓе, тие ги разбираат и поддржуваат во потполност. А, најактивни се на Фејсбук и Инстаграм. Имаат навистина поучни работи да ви кажат!

Посетено 13.868 пати