„Читателите прашуваат, авторите одговараат“ со Наталија Наумовска
После Марија Прличкова и Јасмина Димитрова, учеснички во рубриката „Читателите прашуваат, авторите одговараат“, направена во Фејсбук групата Размена на книги и книжевни муабети, ја имаме Наталија Наумовска.
Наталија Наумовска е родена во 1993 година, во Кичево – Р. Македонија, каде завршила средно образование. Дипломирала на Филозофскиот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Институтот за психологија. Автор е на прозната збирка раскази „Љубовни звуци и поетски шепотења“ (2014) – единствено печатено издание.
Следните набројани изданија можат да се најдат онлајн бесплатно и се објавени на веб-страницата на фондација Македоника.
„Записите за Џозефина“ (2016), „Патувањата на големиот ветер“ (2017), „Приказни за добра ноќ“ (2016) – наградено на конкурс поддржан од УНЕСКО на споменатата фондација. Новитет е што ова дело (надополнето со втор дел, досега необјавен) доби втора награда „Книжевни меридијани“ на овогодишниот конкурс на Дата Песнопој и се очекува негово печатење оваа година. „Тајните на одаите“ (2018), исто така, може да се најде само во е-верзија и е збирка на кратки песни.
Нејзините песни се застапени во неколку зборници и една антологија „Поезија за душа“, нејзини текстови се објавувани во списанието „Современост“, а има учествувано на повеќе литературни конкурси. Има освоено две награди, гореспоменатата и второ место за најдобра песна на конкурс за поезија во 2014. Поранешен член е на ЛК Китка од Кичево.
Лани (2019) беше учесник на онлајн натпреварот за поезија „Мили Дуели“, каде остана речиси сè до самиот крај, некаде до пред полуфиналето, во многу голема и силна конкуренција. Активно го одржува литературниот блог од 2013 до денес (патем утре, на 27 март, блогот слави точно 7 години). Најново е што моментално е во процес обработката на нејзиниот прв роман.
Каква тема ќе обработува романот што го пишуваш тековно?
Повеќе теми се, созревање на главниот лик преку нејзините авантури, семејна драма, потоа спој на приказните на други ликови со таа главната хероина, не знам уште каде ќе ме одведе бидејќи со секое пишување одам во различни насоки (затоа и првичната верзија која мисев дека е готова во мај лани ќе добие сосема нов облик и ќе биде дополнета со уште еден дел), за да можам да го создадам онака како што го замислувам. Интересен е процесот, но и гледам да биде колку што е можно пократок бидејќи сакам да ја завршам оваа годна.
Како писател, што Ви треба да Ве трефне кај некој друг кој пишува т.е кое е мерилото за квалитет?
Лично за мене, мене ме освојува пишувањето без влакна на јазик, она што извира од душата, плени со искреност, остроумност како и рационалност. Но тука би ја вметнлата и добрата приказна, развој на настаните, моментите на неизвесност со постојаното прашување „што ќе се случи следно“ и неможноста за предвидување на настаните (мистеријата внатре во самото дело, не жанровски е многу привлечена) исто така според мои критериуми се еден вид „мерило“ за квалитет. Или нешто едноставно, проткаено со доза на хумор, сатира, макар и краток текст или песна, но после прочитот да ме остави воодушевена, бидејќи пробудило некое чувство во мене. Значи да сумирам: емоционално „дрмнување“, неизвесност, добар јазик, убаво склопена приказна. . Можеби постојат и други параметри, но прво на овие ми текна.
Што жанр е новиот роман што го пишуваш?
Претендирам да биде некоја комбинација од психолошки трилер, драма и романса, но ќе видиме накрај како ќе испадне и во кој жанр ќе влезе.
Кој ти е омилен писател или книга?
Има доста писатели што ми оставиле впечаток, многу е нескромно кога треба да се одбере еден или само неколку, ама да не биде дека го избегнувам одговорот, еве вака овие ќе ги издвојам: Блаже Конески, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Гоце Смилевски, Горјан Петрески како омилен писател за деца, има и други, но нека бидат овие од нашите, а странски Достоевски, Зафон, Лусинда Рајли, Стивен Вотсон, Нора Робертс, Џилијан Флин, Херман Хесе. Значи дефинитивно не можам да се одлучам за еден писател, затоа вака ги издвоив сите што ми се поомилени. Омилена книга – „Пиреј“ од нашите засекогаш омилена, а од останатите ќе се обидам да пишам само една: „Хипнотизер“ од Ларс Кеплер
Дали е тешко да се објави книга кај нас и дали имаш намера за брзо да го објавиш романот кој ти е во подготовка?
Изгледа не е тешко доколку имаш доволно финансиски средства, реално гледано секој што пишува може да издаде книга, но прашањето е каква ќе биде таа книга, колкава ќе ѝ биде вредноста, прифаќањето од читателската публика итн, и што понатаму после објавувањето. За романот не се брзам воопшто, иако сакав да биде готов до средината на оваа година, решив да не се брзам и да не се форсирам, да уживам во процесот, и поле сè што се изнаслучува сметам дека треба да си дадам време, и да го завршам побрзо од планираното нема да избрзам со издавањето, секако дека зад оваа одлука стои и финансискиот товар, така што никаде не ми се брза, поважен ми е квалитетот отколку некојаси временска (самозодадена) рамка во вид на притисок. Во свое време, ќе биде.
Која е твојата најголема инспирација?
Најголема инспирација ми е самиот живот по себе, сè што се случува во него и емоциите што ги доживувам лично, како и оние што ги согледувам (читам) во другите. Премногу општо, но вистинито, дефинитивно животот (не само сопствениот), сам по себе е извор на инспирација. А инаку сè може да ме инспирира, од еден збор, до песна, книга, филм, случка.
Ти треба ли простор кој би го сметала за свое лично катче каде што ќе можеш мирно и спокојно да пишуваш?
Може да се каже дека имам таков простор и благодарна сум што воопшто имам услови и сега да ви одговарам на прашањата, како и подоцна во удобноста на мојата соба да се занимавам со омилените активности. Што значи дека задоволна сум и со ова сега, а за понатака времето ќе го донесе своето еден ден здравје.
Дали имаш омилена поетеса?
Од поетесите би ја издвоила Десанка Максимовиќ, а има доста други квалитетни македонски поетеси современици, но не можам да издвојам ниту една посебно.
Дали ти се случило откако ќе напишиш книга да се запрашаш дали е можно и друг писател да напишал слични или исти случки и да ви се поклопат приказните или не е можно тоа?
Знам дека за секое напишано дело може да се најде друго со некои сличности. Ова би се потврдило со самиот факт што се печатат многу книги на дневна основа, а и вкупната бројка на издадени досега која постојано расте во светски рамки. Некогаш се има случено откако ќе напишам некоја мисла или расказ истата идеја отпосле случајно да ја видам во нечиј друг расказ или книга, но сепак сите тие си се автентични бидејќи не се плагијати туку потекнуваат од различни автори чија почетна идеја била иста. Така што, можно е да постојат слични случки ако зборуваме за два разлинчни романи (но никогаш исти), но сите тие мора да имаат различен тек на настаните. Сепак ова зависи од многу фактори, кој е жанрот на книгата, како и темата на обработка во неа. Значи, одреден настан во било кој роман може да потсетува на некој друг некаде прочитан на друго место (што не значи дека е копиран или дека е земена идејата од друг, тоа може да биде и чиста коинциденција) не можат да се поклопуваат приказните ако гледаме во рамките на случувањата, ликовите, местата, локациите, итн, но може да се поклопи идејата која понатаму пак би се развивала во друга насока пак според замислата на авторот.
Во моите дела досега напишани не сум нашла поклопување со некое друго, а секако дека сум се запрашала дали можеби некаде некој па и на друг јазик напишал нешто слично на моето, но сметам дека е мала веројаноста да се поклопи нешто мое идентично со нечие друго, речиси и да не постои таква веројатност со оглед на тоа што сум автентична (сметам дека сум).
Сличности секако дека може да постојат во нешто, но автентични се сите автори со своите трудови, и секој по нешто се разликува од сите останати.