Драган Б. Костиќ: Простете, ама подобри се и турските серии, од македонските изборни серии
Еееј, што ти е политика!
Јас не можам да минам бројка од пет илјади фанови на бренд музички емисии како Диско Селектор и Заборави Ако Можеш, а например партијата ДОМ и нејзината лидерка имаат ТРИ профили, значи најмалку 15.000 луѓе! Луѓе!
Па јас во поранешна Југославија не знаев кој е градоначелник на Скопје, претседател на парламентот на Македонија, па ниту на Југославија.
И ич не ми било гајле! Имало, спорт, жени, музика, со што млад човек можел да се занимава.
И денес ги има истите нешта, ама младиот човек го туркаат во други занимации.
Пред некој ден еден “добронамерен”, да го наречам “комшија” (во некои стари скопски поими, тој би бил од друго маало а сега е “комшија” – четири згради од мојата), шетајки ги моите кучиња (два пекинезера, немаат заедно две кила месо) ми замери како требало да се оди со кантиче и метличка зад кучињата, за да им се собереле “гомната” (да ми простите на неговите зборови).
А само пет метри подалеку една мајка го носи детето да мочка, тука, во грмушките. Без кантичка и метличка.
Некој ден подоцна, го гледам истиот комшија, гордо натопорен со знак на една партија (воопшто не е битно која), ќе одел на митинг. Сакав да му кажам дека “гомната” ( да ми простите за моите зборови ) од кучињата се мала работа, се чистат ама политичките “гомна” никако да се исчистат. Ем ќе се избербатиш, ем само ќе ги размачкаш, што е уште полошо.
Во обидот да го направиме тоа, толку се ибербативме што не ретко можеме да се препознаеме веќе ниту меѓу себе. Можеби по миризбата само?! Секој ја препознава на сопственото г….!(веќе ми е незгодно да го пишувам зборот, кој е најсоодветниот)
Ееееј убава моја Македонија. Не ја препознавам веќе. Малку повеќе љубов, разбирање и почитување, малку помалку омраза, и земјината топка ќе се врти таман како треба.
Ама додека едното се троши и тешко се обновува, другото се множи и тешко се уништува.
Само како чин на револт за состојбата во која сме, на еден обичен секојдневен граѓанин на оваа земја.
П.С. Простете, ама подобри се и турските серии, од македонските изборни серии.
ДРАГАН Б. КОСТИЌ
13. 3. 2013