Депресијата не бира, таа напаѓа и тогаш кога некој најмалку се надева!

Утринава ме потресе немил настан, младо момче од 30 години си го одзел животот. Колку младо дете, колку младост и живост во него, а толку насобрана тага и гнев.

Обично, во овие теми, не преферирам да говорам за личностите кои ме „инспирирале“, бидејќи тагата на најблиските по него е сосема доволна. И јас не сум никоја и ништо да зборувам за него, личност која ниту ја знам, ниту ја познавам. Затоа секоја сличност со момчето во продолжение на текстот не е намерна и нека не ми земат за зло, се оградувам од било каква поврзаност.

Искрено, само им замерувам на поедини новинари кои лешинарат дознавајќи се за некоја почината личност откако трагично ќе си го одеземе животот. Каква личност била, да си се дрогирала, дали имала ментални проблеми, дали била мирна, дали била ваква-онака… луѓе, еј!

Оставете го на мира семејството, зар не му е доволна тагата и болката? Зар не му се доволни страдањата, лелеците, солзите? Зар е вкусно да се читаат секакви дилеми и полемики? 

Прочитав во еден портал дека соседите рекле дека момчето било мирно и биле изнанадени од тоа што го направил. Ова беше пресудно да седнам и да напишам неколку параграфи.

Аманте бе луѓе, зошто роварите и ги испитувате соседите? Зарем тие подобро го познаваат човека од самиот себе? Зар е битно на крајот од денот? Секој со своите проблеми, секој со своите трауми, секој со своите „решенија“, секој со себе битка води…

Тука го затварам официјално поглавјето со момчето. Преостанатиот текст нема никаква врска со него и со секоја личност која на овој начин го завршила својот живот. Само почит и слава им.

Доколку се прашувате дали СТЕ депресивни, а веројатно НЕ СТЕ, можеби тука ќе го најдете одговорот.

Депресивните луѓе, никогаш нема да дојдат кај вас и нема да ви кажат дека се депресивни и никогаш нема да ви побараат соодветна помош. Свесни за својата состојба, се обидуваат на разни начини да се победат себеси така што се затвараат во својот магичен свет, полн со илузии… бегање од реалноста и соочување со неа на разни начини, дел од нив со смеење, хумор и сатира… дел со пеење, дел со свирење…

Депресивниот човек на лице не му пиша дека има депресија, како кај секој останат човек што не пишува од што страда. Насмеани, дотерани, избањати, средени… а, за какви ги мислевте вие? Запуштени, небањати, тажни, разочарани, уморни? Јок. Тоа не се личностите кои ги барате.

Депресивните луѓе ни на крај памет нема да им е да пробаат да ви наштетат, да ви напакостат… тие ќе се обидат да ве насмеат, бидејќи знаат како е да бидеш ЗГАЗЕН и СОГАЗЕН од животот…

Депресивните луѓе ќе се обидат да ви помогнат.

Депресивните луѓе ќе се обидат да ве разберат и да ве заштитат. Депресивните луѓе не ви кажуваат низ какви пеколи секојдневно поминуваат затоа што не сакаат да ве загрижуваат.

Депересијата не е заразна, но е тивок убиец на психата. Депресијата не боли, таа гнои. Депресијата не напаѓа веднаш, таа е темпирана бомба.

Депресијата не плаче, таа се смее. Депресијата нема солзи, има грчеви во желудникот.

Депресијата гуши, стега… и полека убива…

Ве преколнувам, да не се замајувате дека СТЕ во депресијата! Но, бидете ХЕРОИ и доколку ЗАБЕЛЕЖИТЕ дека НЕКОЈ СТРАДА од неа, обратете се за помош. Воведете му ПСИХОЛОГ, или бидете му вие ПСИХИЈАТАР, обидете се да ДЕЛУВАТЕ, наместо да ОСУДУВАТЕ.

Јас мислев дека сум депресивна, но се излажав… не лажете се вие!

И најважно од се’, доколку планираат самоубиство, верувајте дека никогаш нема да дознаете за тоа. Тие никогаш нема да дојдат кај вас и нема да ви кажат: Еј, ќе се убијам. Затоа, таквите муабети навистина оставете ги настрана, особено пред луѓе КОИ ЈА ПОЧУВСТВУВАЛЕ ТАА БОЛКА.

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 5.716 пати