Скопје, среда приквечер, навидум обичен ден

На Десниот крај на градот една бела птица
лежи врз едно јајце и чека во секој момент
малото птиче да го покаже клунот
а на Левиот крај еден тазе пар за прв пат
се растураат од водење љубов
Јас сум некаде помеѓу нив
Се возам бесцелно со автобус
и само чекам една бабичка да
стане и да искочи
па да го земам новчаникот
што и паднал без да примети
Ми се приближува еден човек
„може малку?“- ме прашува и без да чека одговор
почна да ми ја опипува главата од сите страни
“што правиш бе?..ај тргни се “
„правам викендица, еколошка , целата во камен
па баш оваков камен ми фали да пополнам
една дупка, ај да ми ја продадеш“
„ова ми е глава, не е камен и не е за продавање“
„е па извини тогаш“- и со еден потег
ми ја цвикна и откачи главата
Најбрзо што можев ја ставив резервната што секогаш
ја носам во ранче и гледам дека
сум сам…. ги нема ни човекот со мојата глава
ни бабата ама ни новчаникот,
некој бил побрз од мене, беља работа
„ај искачај, задна станица е ова“-ми вика возачот
„кај се наоѓам, не ми е ништо познато?“-збунето прашувам
„на Десниот крај..кај може да се наоѓаш…ај искачај“
Искочив, се потпирам на едно дрво
и на раат си палам цигара
„дечко ај ако сакаш не се потпирај, го тресеш цело дрво“
-слушам некој глас..се вртам нагоре и гледам
една бела птица во гнездо
„па што ако го тресам?“
„имам јаце во гнездово,ќе падне “
„аа извини тогаш птицо, сега ќе се тргнам
а ти нешто чудна си ми, многу испаничена?“
„па да..јајцево требаше да се испили а тоа
се уште расте ли расте“
Се подкачив на најдолната гранка и гледам
стварно е така …едно јајце кое во секоја секунда
станува се поголемо и поголемо и поголемо
„фати го ќе паднеее“ – списка птицата
во момент кога јајцето стана преголемо
и се стркала од гнездото
Успешно го фатив, и нежно го спуштив на земја
„фала ти….. дај ми цигара ќе пукнам од нервоза“
– ми вика птицата и се смести на моето рамо
И така двајцата пушиме цигара за цигара и
го гледаме јацетово како ненормално расте
„извини знаеш кој е таткото..нешто многу големо
е за птица ?“ – ја прашувам
„не се сеќам на таа вечер, многу бев пијана“
-ми се исповеда
„ок, те сфаќам, се случува“-ја тешам
Малку по малку лушпата почна да пука
Прво искочи една рака и наеднаш
пред нас се појави бело, најбело голо женско тело
„уауууу“- викам јас изненаден од преубавата глетка
„уаууу“-вика и птицата изненадена од
неочекуваниот лик на соето бебе
„леле птицо во живот не сум видел поубава девојка
ај остав ми ја на мене , многу ми се свиѓа, ако?“
„не.. не можам, сепак е мое дете“
„јас сакам со него да останам“- прозборе девојката
„ти не се прашуваш“- кажа птицата, ја фати со
канџите и полета
Со мака се подигна неколку метра
ама девојката сепак беше претешка
и ја испушти
Се стрчав да ја фатам ама задоцнив,
се сплеска на плочникот
„жал ми е. “ми шепна додека ме гледаше
со насолзените крупни очи
„и мене, најмногу на свет“- сакав да и кажам ама немаше
поента, очите и се затворија..за секогаш
Си викнав такси, цел скршен си одам дома
Отварам, пиво, палам цигара а цело време
низ мозок ми се мота нејзиниот лик
Заеби, го уклучив телевизорот, колку да не ја мислам
и начекувам вести, ударни вести
„во Левиот дел на градот млад пар е пронајден мртов.
Нивните јагленосани тела ги нашла мајката на Н.Н
Се претпоставува дека изгореле од премногу љубов“
Скопје, се уште е среда, навидум обичен ден

 

Посетено 1.516 пати