Тогаш кога бев Џин
Една година наеднаш многу пораснав
Ама премногу, за една недела
бев толку голем што главата ми
беше над облаци.
Мислам дека е од ајварот што го правев
со украински пиперки ама не е ни битно сега
Проблем беше што толкав човек е стално гладен,
пробав облак да јадам-блуткав е, пробав сончеви зраци
ама си го изгорев јазикот, срање
Конечно видов авион, а како за беља се погоди товарен
па само екипажот го изедов, колку да не е без ич
а внатре немаше ништо, само комбајни
Добро што ми текна да земам еден
па облаците ги искористив како пена за бричење
а со комбајнот се избричив.. нов човек, лепотан
Ах да може сега ОНАА да ме види,
онаа една што не ме сака,
штета, одма ќе се заљуби во мене.
После изедов уште неколку авиона ама овие изгледа укапираа
па почнаа да летаат под облаци, ме заебаа
Жива среќа што се појавија птици-преселници и нив ги таманев
секој ден додека изгледа не ги истребив
Мислам дека е тоа затоа што еден ден
ми се појави балон од Гринпис
да ми протестираат ..глупаци, и нив ги изедов
И така останав без храна, сонцето безмилосно ме пржеше
постепено слабеев и се намалував
и еден ден само заспав и треснав на земја.
Кога се разбудив гледам дека сум истиот човек како порано
мал, жгољав со криви заби,
црни подочњаци и прљави фармерки
И еве неколку години се моткам низ градов и стварно ми е досадно
Не дека таму горе беше интересно
ама не е напнато, ружно и тужно
Ништо, ќе идам до подрум да проверам,
гарант имам уште некоја тегла од ајварот,
ќе ја викнам „ОНАА“ да го мезиме
па заедно ќе идеме над облаци.
Ако ме откачи сам ќе си го изедам,
ништо нема да му фали на светов
ако пак отидам таму горе некаде
Посетено 625 пати