Не е до маглата

maglata_majkatiitatkoti
не е до маглата
никогаш и не било
се изгубивме некаде попатно
сонце дур имаше
и небото блескаше сино
ете тогаш не се видовме
ќори при очи
глуви при уши
со мраз во душите
а горливи срца
заслепени од суета
уморни од барање
еден покрај друг поминавме
без да се погледнеме
и еден во друг да си ѕирнеме
таму
ете таму да се најдеме
да се препознаеме
животи наназад дур се баравме
а и во овој се промашивме
и сега низ магла лутаме
како кучиња скитници
како изгубени
без цел
ниту идеја каде сме кинисале
а во оваа магла
во оваа која во умовите ни тлее
нема да се најдеме
оти е густа и тешка
со мирис на убиена желба
абортирана среќа
густа како сета горчина во дланките
кои во немоќ ги стискаме
и тешка
како чекорите дур се оддалечуваме
оти еден за друг да бевме
по срцата ќе се препознаевме
по чукањето и трепетот
кој во ист ритам ни е
оти и во најгустата магла
како оваа која вечерва стежна
кога ништо не се гледа
небаре перде на очите имаме
срцата сами патот ќе го најдеа
не е до маглата
никогаш и не било
до нас е
до луѓето
до таа проклета магла во која векови живееме

Посетено 3.445 пати