ПРОСТУВАЊЕТО во денешно време ја има изгубено смислата што ја имало порано или НЕ?
Денес е Прочка, сите си простуваат… ама не си забораваат…
Меѓу народот останало денес секој меѓусебе да си побара прошка, да се смират оние кои се скарале, да се заборават лошите нешта кои се случиле и да се продолжи напред.
Ама, колку навистина си простуваме и забораваме? Колку навистина го мислиме тоа или се кажува ради реда бидејќи така останало можеби и со векови наназад.
Во една прилика, другарот на Пиже, Љупа Ангелов ќе рече: „ПРОСТУВАЊЕТО во денешно време ја има изгубено смислата што ја имало порано“, а јас не можам, а да не се сложам. Токму така, а еве и зошто:
Постарите генерации од душа проштевале, бабите и дедовците не’ чекаа на ручек да се собереме, а денес… само бледи статуси за опростување. Барање прошка од луѓе кои ниту ги знаете, ниту ги познавате…
И се’ ми се чини дека се изгуби смислата на вистинското простување, оние со заборав во себе… оние кои никогаш нема да ви се одбијат од нос некогаш кога најмалку ќе очекувате… оние кои навистина го мислат тоа…
За крај, простете ако нешто сум ви згрешила, простено нека ви е… и од мене и од Бога.
И само уште нешто не морате да чекате Прочка за да побарате прошка, само ако навистина го мислите тоа, можете да го сторите било кој ден во годината… бидејќи каењето тлее во секој од нас, а вистинскиот момент за прошка си го чека својот час.
Бидете подготвени да простите и да заборавите на грешиките од другиот, но не заборавајте да си простите и себеси. Бидејќи не постои поголема прошка од онаа кон себе.
Добро размислете го!
©majkatiitatkoti.com Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира