Го сакам… не знаеш колку го сакам
[fblike]
– Не знам зошто мамо, не знам зошто…
– Не го сакаш веќе?
– Го сакам… не знаеш колку го сакам. Ама не е истиот веќе. Избегнува разговор. Ќе ме прегрне само кратко, некако формално. Не знам што му е мамо.
– А ти?
– Што јас?
– Ти го гушкаш ли силно како порано? Му кажуваш ли колку ти значи?
– Мамо… зошто сега на мене ми се нафрлаш? Он е ладен спрема мене, што треба јас да правам?
– Ќерко… кога огинот гасне, некој треба да стави дрва во него. Инаку, сите во куќата ќе замрзнат од студ. А каде пишува чија работа е да се ставаат дрва во огнот? Не ве разбирам веќе ни едните ни другите. Ви студи а ништо не преземате за да си ги згреете душите. Татко ти колку години веќе го нема? Седум скоро. Знаеш колку пати ќе се оддалечеше така, оптоварен со проблеми, изморен. Колку пати сум ронела солзи кога ќе му ги перев работничките алишта. Некои флеки не излегуваа. Помешан малтер со неговата пот, дури понекогаш и крв. Срцето ми се стегаше кога ќе помислам колку му е тешко. Како да дочекаш таков човек од работа, кажи ми ќерко? Како Господ треба да го дочекаш, ти кажувам. Нема да чекаш тој да те гушне, туку ќе му се нафрлиш ти на него уште од врата. Ќе му ги бакнуваш уморните раце. Ќе му направиш убав ручек. До срцето на човекот водат многу патишта… еден од нив е преку стомакот – рекле старите. Другите патишта се преку очите. Нека види колку го цениш тоа што го прави. Извлечи ги отровите што му се насобрале за тој ден, а сигурно ги има многу. Којзнае колку неправди голтнал тој ден. Којзнае колку пати му го згазиле достоинството. Ама го водела една мисла, дека дома има една што едвај го чека во прегратки. Со таква мисла кога е човек, нема планина што не може да ја прекопа, нема војна што не може да ја добие. Дај му силен корен во тебе. Дај му надеж и сила. Не му ги мери мааните на кантар и не го јади за секаква ситница. Биди му ортак и во убавото и во неубавото. Ако нешто го боли – биди му солзи. Ако нешто му е убаво – биди му насмевка. Кажи ми, кој маж не би посакал таква жена? Кој маж не би трчал од работа во такви прегратки? Кој маж не сака топол дом, очи полни со разбирање, вкусна храна и мек кревет? Дај му ги тие работи и ако не ги цени, ќе зборуваме јас и ти повторно. Сега земи си ги торбите и врати се дома. Стави дрва во огнот и пречекај си го човекот.
[button color=”#000″ background=”#fff” size=”large” src=”http://majkatiitatkoti.com/prikaski-za-mali-deca/dragan-tanevski-page/”]Можеби ќе ве интересира повеќе од Драган Таневски[/button]
Посетено 12.340 пати