Генерална проба

Решив да повежбам умирање,
да, токму така
и не е воопшто морбидно,
впрочем,
секој треба барем еднаш да го стори тоа,
за да не излезе ем умрен, ем смешен.
Легнав в кревет,
се истегнав колку што сум долга и (малку) широка,
ги склопив рацете кај градите, замижав…
ова некако досадно ми се гледа.
Ѕиркам со едното око по таванот,
здогледувам мува на ѕидот и…
Ете…нарушен ми е концептот,
на што ќе личи ако мува на носот ми застане?!
не дека ќе ја осетам, ама естетски ми е недолично.
Си запишувам на ливче-да се провери дали ќе има муви.
Замижувам повторно…

muva-generalna proba_majkatiitatkoti

Тивко ми е многу,
а и да плачат околу мене не сум сигурна дека ќе ми се допаѓа само тој звук,
иако, се разбира дека нема да знам…ама сепак не оди.
Ми паѓа на ум да свири во позадина тивка музика,
повторно запишувам-Laurie Anderson,
па после ми текнува, ќе треба да најмам некого за тоа,
оти постарава генерација нема сигурно да се снајде со youtube.
А се мислам и како да бидам облечена,
дали како баба ми уште сега да си спакувам гардероба за таа прилика,
ама па, од кај да знам дека нема да сум демоде,
дека модата нема дотогаш да се смени,
или дека нема чевлите да ме стегаат,
оти мене на стари години почна ногата да ми расте…
башка ќе треба шминки да оставам со нагласување дека,
вообичаеното бледило ќе биде понагласено и дека ќе ми треба повеќе црвило на образите.
Ова умирањево ми се гледа комплицирано!
Уште сум на почеток, а толку многу дилеми…
Станувам од кревет
нервозна и обесхрабрена….
баталувам и муви, музика, гардероба,
баталувам шминка,
потсетник…
Одам да терам генерална проба за животот
Впрочем,
денес и не ми е ден за умирање…дури ниту за вежба.

Посетено 1.376 пати