Одмор

Одмор е кога не си со сите,
кога некој друг го работи
она што го мразиш,
кога колегите (божем) ти се радуваат,
а всушност ти завидуваат.
Одмор е кога се одмараш од себеси,
од оној ТИ, што најмногу го мразиш.
Не е важно на кој континент од светот
или станот си се вгнездил, чувството
дека си далеку е недофатливо.
Одмор е кога ти чуе за сè,
кога ништо не може да те изнервира,
кога компјутерот ти е исклучен како пегла
а мобилниот ставен во тегла.
Одмор е кога заморот е фикција,
кога ракијата чита книга и
никому ништо не му е јасно.
Кога ништо не планираш зашто знаеш
дека плановите тежат ко планини.
Важно е (без разлика дали
си на плажа или над килим,
на лежалка или на тросед)
морето да ти ги лади нозете.
Одмор е кога некој друг ТИ,
повторно се вљубува во
твојата (иста) сопруга.

Посетено 1.968 пати