Скопје и една типка!
Не е до зимава, знам. До мене е, затоа што имам добро памтење.
Градот во кој сум родена стана град на тупост. А, ме боли. Не знам точно каде ми е болката ама тоа е онаа тупа и досадна болка внатре во душата. Целото тело ми го зафаќа очај и разумот дури не прашува: зошто?
А, беше град каде имав цела „војска” која ја сакав, каде гледав како некој татко ја учи ќерката да вози на некоја од улиците, каде на урбаните журки и дискотеки во подрумите плачев за некој фраер на кој ни името сега не му го знам, каде на некој паркинг некои фраери и плачеа по мене, каде частенките беа секојдневие, каде можев да јадам бургер во седум сабајле, каде се врзував за мирисот на школото каде учев и мирисот на липите додека стигнам до таму, каде точно ги знаев местата за искачање и знаев кој ќе биде таму, каде имаше акција секој ден различна, каде се воодушевував на тие постарите од мене, каде такси превозот беше кул работа, каде ми беше познато чувството на припаѓање во секој дел од градот, каде слободата на движење беше без страв и трепет, а комшиите ми беа фамилија, каде ако тркнев до продавница и бев кратка со пари можев да поминам и со пишанка, каде не постоеше претерност во ништо и град кој кога зачекорев во својата полнолетност мислев дека е затворен театар омеѓен со скопјанштво. А, тек пазарот? Отворена сцена на измешани мириси на зачаден темјан од црквата со мирисите на сезонските овошки зеленчуци. Игралиштата за децата тревни полјани со многу кал, а калта здрава и неизбежна. Со такви каливи раце лепчето со паштета и патлиџанче, ми се чинеше бифтек filet mignon. Секоја улица ја распознавав по лошиот чичко кој живееше таму, а беше лош затоа што не ни даваше да крадеме цреши или кајсии. Новите патики ми ги газеа децата од мојата улица ама тоа го правеа сите деца од сите улици и тоа беше ферка.
Можеби и не разбирате ама, она што сами ќе го преживете само вие и може да си го разберете.
Сега, во овој ист град, дали ќе занемам или ќе заурлам исто е. Сега ми се одзимаат нозете, рацете прстите, трепките и гласот на моменти ама не од зимата. Не е ни од ковидот. И пред него, турбофолкот го замени попот и рокот, частенките ги подигнаа спонзорушите, артифициелноста стана доблест, a декаденцијата genius loci. И пред ковидот улиците не ги познавав. Ниту луѓето кои живеат таму. Ми се чини, стана паралелен свет, со потполно исто име, ама без душа, со лоши ликови и големи превари. Мислам и дека му раскинав на Скопје нешто пред ковидов. Му реков дека сум свесна дека нема многу секс и дека е вистинско време да се е*е.
Шо знам, ама денес му е роденден на мојот блог, па го поврзав со моето раѓање и кога би можела да му посакам нешто на мојот блог тогаш тоа би било поголем аплауз за него од мојата тага за Скопје некогаш и Скопје денес. Така барем на кратко би си ја откупила тагата, од некоја идеална прилика да поштено наздравам за блогот со винце и оние кои ги сакам.