Коби: Драга кошарко, време е за збогум

Легендата на Лејкерси синоќа, на изненадување на многумина, ја соопшти својата одлука дека актуелната сезона е и негова последна во НБА лигата.
kobe1
Изненадувачки, не затоа што не беше очекувано дека ова ќе биде последна сезона за Коби Брајант, туку поради начинот и моментот во кој тој го стори тоа. Пред почетокот на оваа, неговата 20-та сезона во Лејкерси и во НБА, Kоби рече дека по нејзиниот крај ќе одлучи што понатаму.
Сепак, очигледното мачење на теренот во дресот на слабите Лејкерси и напорите на една НБА сезона веројатно беа премногу и за легендата на лигата и на клубот од Лос Анџелес. Своето збогум на кошарката Коби го најави со писмото објавено онлајн синоќа во кое тој „отвори душа“, а кое ви го пренесуваме во целост.
„Драга кошарко,  Од првиот ден кога почнав да си правам топка од чорапите на татко ми и да шутирам замислени шутеви за победа во големиот ’Форум’ знаев само едно со сигурност – дека се заљубив во тебе. Љубовта е толку длабока што ти дадов сè што имав, од моите ум и тело, до мојот дух и душа.
Како шестгодишно момче кое длабоко се заљуби никогаш не го гледав крајот на тунелот. Се гледав себеси како истрчувам од него. И така трчав, трчав и во ширина и во должина на секој терен на кој стапнав, за тебе ја бркав секоја загубена топка. Бараше од мене енергичност, а јас ти го дадов своето срце затоа што со него доаѓа и многу повеќе.
Играв низ пот и болка. Не затоа што си имав поставено предизвик, туку затоа што ти го бараше тоа од мене. Правев работи за тебе, затоа што тоа го правиш кога заради некого се осеќаш жив како што јас се осеќав заради тебе. Ти на едно шестгодишно момче му го даде неговиот сон да заигра во Лејкерси и поради тоа засекогаш ќе те сакам.
Но, не можам опсесивно да го правам тоа уште многу долго. Оваа сезона е сè што остана во мене. Моето срце може да прими уште многу удари, мојот ум може да издржи уште многу напори, но моето тело знае дека е време за збогум. И тоа е ок. Подготвен сум да те пуштам, сакам да го знаеш тоа. Сакам да знаеш дека е така со цел и двајцата да уживаме во секој заеднички момент кој ни преостана. Бил тој добар или лош.
Еден на друг му дадовме сè што имавме да дадеме. И двајцата знаеме дека, без разлика на тоа што ме очекува понатаму, јас секогаш ќе бидам детето со топка од стуткани чорапи, кантата за ѓубре во ќошот, на пет секунди до крајот со топката во моите раце.
5…4…3…2…1.
Засекогаш ќе те сакам, Коби“
Кога следната пролет конечно ќе се збогува од НБА Брајант зад себе ќе има пет титули, два МВП трофеја за големото финале, еден МВП за регуларната сезона, 17 избори во Ол стар тимот (можеби и 18 ако биде избран и оваа сезона), 11 пати како член на првата НБА петорка, девет пати дел од најдобрата дефанзивна петорка, четири МВП титули на Ол стар натпреварот, две титули за најдобар стрелец во регуларната сезона и една за најдобар забивач на Ол стар викендот, најдобар стрелец во историјата на Лејкерси и уште многу, многу достигнувања за историја.
Во досегашниот тек на својата кариера Коби има одиграно 1.292 натпревари на кои има просек од 25.3 поени, 5.3 скокови и 4.8 асистенции. Во плејофот тие бројки Ќе останат на 220 настапи со 25.6 поени, 5.1 скокови и 4.7 асистенции во просек.
Прочитај повеќе на: http://pixel.mk/sport/kosharka/kobi-draga-kosharko-vreme-e-za-zbogum | Pixel.mk
Посетено 269 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!