Војнички грав од времето на ЈНА
[fblike]
Според оние повозрасните кои својот воен рок го отслужуваа во рамките на ЈНА, рецептот за војничкиот грав, како и многу други работи, беше строго чувана тајна.
Истие тие повозрасни, доколку ги прашате, ќе ви кажат дека до ден-денеска го паметат мирисот и вкусот на војничкиот грав, специјалитет во кој клучна улога играле количината на состојките, должината на варење, тајната запршка и готвачите и војниците кои беа задолжени за мешањето на гравот.
Состојките во овој рецепт се наменети за добивање пола литар грав. За поголеми количини само треба се само да се помножи со онолку колку што сакате на крајот да добиете.
Состојки:
Грав – 120 гр.
Брашно Тип 800 – 8 гр.
Морков – 10 гр.
Црвен кромид – 15 гр.
Сушена пиперка – 1 гр.
Лук – 1 гр.
Маст или масло – 15 гр.
Мелена црвена пиперка – 0.2 гр.
Црн бибер – 0.1 гр.
Лист од магдонос – 1 гр.
Мешан зачин – 1 гр.
Ловоров лист – 0.1 гр.
Сол – По вкус
Подготовка:
Чекор 1:
Гравот потопете го во ладна вода имајќи притоа предвид да има доволно вода со цел гравот да не ја впие цела и да стане сув. Потопениот грав чувајте го на ладно место и оставете го да кисне 1-3 часа. Потоа исцедете ја водата и гравот ставете го во лонец во кој ќе ставите ладна вода која ќе го покрие во целост. Варете 10-15 минути. Потоа исцедете ја водата и ставете топла вода, додајте половина од ситно сечканиот кромид и оставете да се вари со повремено додавање на топла вода.
Чекор 2:
Во половина од загреното масло додајте ситно сечкан кромид и морков (изрендан или исечкан на ситни коцки) и заедно пржете додека не добие темно-црвена боја. Кога гравот е до половина сварен додајте ги во него пржените кромид и морков, сушената пиперка (претходно потопена два часа во ладна вода) и ловоровиот лист.
Чекор 3:
Остатокот од маслото загрејте го и додадете му брашно. Пржете додека малку не потемни. Кога тоа ќе се случи исклучете ја ринглата и веднаш додадете го ситно сечканиот лук и црвената пиперка во прав. Добро измешајте.
Чекор 4:
Кога гравот ќе омекне додајте го мешаниот зачин (Вегета), посолете и запржете со претходно подготвената запршка, со постојано мешање да не дојде до згрутчување.
Чекор 5:
Војничкиот грав со запршката варете на среден оган уште некои 20 до 30 минути. Потоа, кога ќе го исклучите оганот, додајте го црниот бибер и ситно сечканиот лист од магдонос. По потреба додајте уште малку сол.
Чекор 6:
Важно да се знае е тоа дека при варењето и се до запржувањето војничкиот грав не смее да се меша како не би дошло до кршење или загорување на зрната.
Посетено 2.077 пати