Љубовта на клавиристот

sesi naslovna_majkatiitatkotiПосле толку години возеше накај своето родно Крушево, сам. Покрај него одминуваа средените германски пејсажи, се белееја чистите села со покриви слични на удобни капи, чии прозорци и балкони ги красеа гроздови сардели како да покажуваа „еве вака се живее, еве ова е добра волја за секојдневието“. Геометриските полиња жолти, кафени и зелени, понекогаш со коцки или цилиндри собрано сено, беа огромни шаховски табли што брзо се нижеа. Синилото на хоризонтот, леснотијата со која лебдеше поставено тука, беше спротивно на неговата претоварена кола во која ги влечеше остатоците од својот семеен живот. Трите стари велосипеди, здраво врзани на покривот. Компјутерот за сестрите, покривките и ќебињата за мајка му, реасклопените кујнски плакари наменети за старата крушевска куќа, куп германски книги (којзнае зошто), полиците за чевли, па дури и двете црева за поливање со кои Хелен правеше водени арки и мали виножита во градината. Џезот што ја исполнуваше колата, што течеше низ него како животен сок, низ неговите раце на клавирист, го олеснуваше соочувањето. Неговиот досегашен живот му се виде собран во тој лак од патот. Двете различни доми беа неговите крајни точки. Од големата куќа на германско-холандската граница во која им се растури домот, до родната стара куќа во Крушево, на која ѝ прокапуваше покривот, иако беше ставена под Заводот за заштита на културни споменици. Сега одеше наназад. Од оној „новиот јас“, самостојниот човек, директор на музичкото училиште, кон „детето јас“, што се роди во Крушево и порасна во Скопје.
* * *
Тој стои на прагот од малиот стан во Карпош 4, како на работ од светот. Во поставата на палтото има неколку стотини германски марки, неколку стотини во чевлите и неколку во внатрешниот џеб. 1991-ва е. Во тек е распаѓањето на Југославија, државата на братството и единството. Мајка му го прегрнува:„Синко, кога заминуваше брат ти, немав да му дадам ништо освен Библијата, a еве тебе те испраќаме како господин.“ Патува за Берлин.
* * *
Што е тоа што не му дава да престане да мисли на Хелен? Го влече како со многу конци од оној тенкиот рибарски, цело време да се враќа, да се враќа назад. Ако се замисли подобро, каде почнуваат тие тенки конци, во главата? Некаде кај тилот или во горниот дел на стомакот? Гласот на Хелен се лелее во светлината зад ходникот со многуте пара чевли, нејзини и на нивните деца. Ѕвони низ куќата, додава значење во воздухот. Хелен е во мирисот на испраните алишта, во редот на полиците во дневната, во леите од градината на куќата во која тој веќе не живее. Хелен пее на протестантските собири.
* * *
Така се запознаа, во евангелската црква во Берлин. Со леснотија на пеперутка ги кажуваше важните и тешки зборови:„Ех, јас никогаш нема да се омажам. Можеби ќе се замонашам.“ Се насмевнуваше, а очите ѝ светкаа. Веднаш почувствува дека во него расте некаков брег, брег за жуборливата Хелен. Шарените бродови испловуваа, некои се враќаа натоварени, некои исчезнуваа. Беше интересно. Животот се одвиваше тука, на неговиот брег со шарените бродови на Хелен. Беше пет години постара од него, како да беше десет помлада.
* * *
До крајот не веруваше дека ќе се разведат. Повеќе некако веруваше во таквата разрешница за брат му, со светлите пресретливи очи. Неговата Берта беше многу тврдоглава и голема лутка. Еднаш откако така се инаетеа по телефон, братот му, компјутерџија, се заврте кон него и му рече:„Мислиш не ми доаѓа да се раведам? Големата опашката од разводот на тато ме трга. Осеќам како ме влече.“ Минатата година, кога дојдоа во Скопје, таа беше посебно раздрагана. „Како се вика те сакам на холандски? Баш би сакала да научам холандски!“ Мајка му веднаш почувствува дека е вљубена во некого, можеби некој Холанѓанец? Излезе дека љубениот цел живот се грижел за татка си, затворен во непробојна капсула на тишината, потполно глув. Никогаш не се женел. Таа година Хелен почна да работи во големиот маркет на холандската граница, иако, се разбира дека Европа веќе нема граници. Таму го запознала. Лесно, како што беше и сè друго, си замисли дека наместо со него, сега ќе може заедно со своите три деца да живее со човекот кој цел живот се грижел за глувиот татко. Лесно се всели, но брзо и со мачнина се отсели.
* * *
Додека ручаа со мајка му на стариот крушрвски чардак, го голташе чомлекот како љубовта што му недостасува. Со залаците затвораше жива дупка. Беше жешко. Осата што меко слета на миризливата диња, му се виде лесна и совршена со проѕирните крилца и симетричните жолто-црни шари. Го крена погледот кон светнатите бели облаци што свечено пловеа. Во него нешто потскокна. Се оттргна од клопчето тенки конци и се вивна кон големата слика. Заумно но силно го насети таинствениот космички поредок што проникнува сè. Во таа величествена плетка, најмалиот атом од крилото на осата и непојмливата светлина на сонцето имаа свое точно место. Мелодијата на денот, слична на жуборливата Хелен, направи да се доживее себеси како неправилна синкопа, малку претешка за добар џез. Зад мелодијата, освен себеси на едниот крај, можеше да го насети она неуништливото, ведро и игриво. Во него се обликува некакво разбистрување дека ништо, ништо не е поважно од тоа ведро, сеопфатно нешто што го игра светот. Ја погледна мајка си која со сè уште убавите раце кршеше залак од лебот. „Знам зошто ме остави Хелен“, го формулира тоа на свој начин, а и за да го разбере мајка му. „Ја ставив на местото на Бог“.
* * *
Вечерта дојдоа братучедите. Братучетката Ирена со својот необичен сопруг, проучувач на стари списи и Курд кој знаеше дванаесет јазици, секогаш на работ на развод или во процес на развод кој никогаш нема да се случи. И Грашок Шеќерец, така според еден расказ од Шлинк, Хелен го нарекуваше братучедот архитект со истенчен вкус, со својата млада втора сопруга, поради која одвај се отплетка од отворените љубовни врски што му претставуваа повеќе некакво тензично бегство, одвлекување и загарантиран немир во досадата на секојдневниот круг. Знаеше сè за добрите филмови на Тарковски и Вендерс, за новите тенденции во постмодерната и со одобрување се насмевнуваше на она „Грашок Шеќерец.“
Клавиристот ги гледаше овие познати парови што ја нагласуваа свеста дека е самец. Му падна на памет дека не мора тоа до него да е празно место. Мора да постои начин тоа место да е преполно. Со што би го преполнил? Знаеше дека за да го дознае одговорот ќе треба да направи салто во мислите, во течењата не неговите мисли кои сега се движеа некако нанадвор со очекување. Да. Требаше салто. Промена на вообичаената точка. Се чинеше лесно и малку фалеше.
Зад жагорот на гостите се заслуша во едноличната мелодија на еден штурец кој веројатно стоеше зад гредата од чардакот. Си помисли дека таквата еднолична песна може да биде исто така брег, брег за неговата преполнетост. Во тој миг мајка му насмеана ги задеваше гостите: „Вие никогаш нема да се разведете, нели“? Го погледна, а тој сосема несвесно ја допре бурмата и рече: „Јас имам жена, но таа не ме сака.“
Веројатно ќе треба малку напор, но салтото е тука, на дофат.
Шифра: Мелодии

 

Посетено 618 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!