Шанса на Љубовта

Дента беше нервозен. Толку нервозен што дури ти пречеше и тоа немирно перче од косата, се обидуваше да го скротиш, но попусто беше се’. Дивиот рок и немирната младост живееја во твоите гради, звукот на дивината, немирните ноќи…

Една таква немирна ноќ, и ти – врвот на планината, се препушти на таа страст која ги извлече од тебе најсилните машки клетки.. Тие пливаа, можеби и тогаш знаеја дека го прават вистинскиот потег, знаејќи те колку си спонтан и див… За да допрaт до вечноста која ќе ја гледаш во погледот на тоа кое што ќе заживее таа ноќ.. Свадба во која рок музиката беше на крај тема за разговор, a ти?

Знам!

Ти не можеше да се пронајдеш во луѓето за кои мислеше дека ти се блиски, дента ги чувствуваше далечни, бидејќи ја исполни желбата на родителите… Да добијат снајка, што знам, можеби беше заљубен, но во времето во кое живееше на тема љубов ретко кој зборуваше… Ниту дека некој некого сака, ниту пак дали сака да стапи во брак.. Туку така треба, и мораше да се почитуваат родителите…

Те гледам во сивиот костум, со залижана и наназад зачешлана коса, од очите ти извира вулкан, знаеш и премногу за своите дваесет и… години, но сепак си момче… Пред женидба и сите погледи се насочени во тебе, а ти би опсул… Уф, знам, би опсул така сочно, така валкано, така диво… Знам дека сакаше покрај тебе токму таква… Дива, пламен кој ќе те изгори, ќе те испече и ќе те пеплоса…

Но на шалтерот на бракот ја завери картата со приземна жена, која едвај успеа да ја соблечеш… Закопчна до грло, без искуство, која во тебе го гледаше идолот од тв ликовите… Таа беше заљубена, или пак можеби мислеше дека е.. Бидејќи за неа, ти беше нешто што таа успеа да го досегне.. Водевте љубов на спалната, подарок од родителите, но ти… Каде беше ти со мислите бре човеку? Каде скиташе бре дете младо? Се плашеше да ја допреш, свесен за тоа што го направи…

Сега твоето мало човече пливаше во нејзината утроба , и ти беше уловен… Ах! Те гледам дента кога се роди анѓелчето… Твојата восхит и урлање во ходникот на болницата… И пак не можам да разберам, се трудам да се поистоветам со мене, но знам дека си силен… Ти издржуваш се’… И кога родителите почнаа да запржуваат манџи од кои ти се повраќаше, кога стискаше заби пред да направиш нешто што ќе те покае што си се родил… Колку километри изоде душата твоја, обидувајќи се да засака… Обидувајќи се да биде цело..

Зошто? Да му се сневиди зошто? Зарем мораше да биде така? Да се слушаат родителите, но до кога? Измачување во кое едниот влече, другиот трга, едниот сака, другиот мочли и удира во ѕидот со спомнени.. Требаше уште многу метал да свири во срцето, уште многу волчешки стапалки да минат низ снегот, уште многу војнички цокули и пустинска прашина да ги затвора очите, пред да клекнеш на колена и да ја побараш за жена… Таа што ќе те излудува, таа што ќе те извади од памет… Таа што ќе те стори пепел… Уште едно анѓелче исплива на површината на животот, дента кога есента тивко се предаваше на студот, а месеци пред тоа, после пијанката, ја заскокна повторно жената која не успеа да го вжешти вулканот, да го зароби срцето… И да урла со него..

НЕ! Знам! И така ќе биде за навек! Ама годините тежат човеку? Еден ден и ти и јас ќе и погледнеме на слабоста во очите… Ќе се видиме слаби, и немоќни, бидејќи не истроши животот… Не потрошија годините и максимумот вложен во нив, кога многупати се разминавме со себе си и се предадовме на судбината и неизвесноста… Староста ќе тропне… Еден ден, сосем неочекувано, ќе тропне. Ќе го видиш своето тело, ќе го гледаш лицето, ќе го гледаш животот..

Те гледам пред себе.. Истите тие очи, сега ќе бидат спуштени кон подот, лицето ќе раскажува, дланките несвесно ќе дојдат кон мене… Ќе ја побараат старицата со челик во градите… Таа што не потклекна, туку храбро те бодреше. Таа што те знаеше наизуст, дури и здивот ти го знаеше… Таа што го засака црното јако утринско кафе… Таа што никогаш не се откажа од тебе, ќе и раскажуваш за анѓелчињата, за свадбите, Знам човеку.. ќе ми ги кажеш и советите кои јас ти ги кажав едно време… Никогаш да не ги оставиш… Секогаш да бидеш тука за нив… Нивната среќа да ти биде на прво место… Бидејќи ќе те пече секоја нивна солза… И знам! Ти не можеш да го поднесеш тоа.. Бидејќи.. И колку да се силни, сепак се твоја крв… Дај и шанса на љубовта човеку… Барем малку..

Оливера Ширговска

Посетено 917 пати