„Ќе и’ се запнеш, ќе успееш!“ – Наречи го вовед за книга…

– Извадок од книгата „Моето име е Марла“ – Марија Прличкова

Наречи го едноставно вовед…

Како што и можеше да забележите, оваа книга е надополнето и продолжено издание на претходната книга „Марла“.

Кога ја пишував имав само 20 години, и брзав да ја напишам… се стремев што е можно поскоро да ги достигнам врвовите, и очекував промени од невидени размери.

И доживеав! Не онакви какви што отсекогаш си замислував, но сепак запознав многу луѓе кои со гордост ме застануваа кажувајќи ми дека ја прочитале книгата. Имаше и контра-ефекти, всушност, оваа книга ме оддалечи од непријателите, т.е. оние кои беа покриени со пријателска кожа. Токму тогаш кога требаше да ми ја дадат најголемата поддршка, тие исчезнаа. Денес не се ни дел од мојот живот… Би рекла дека е судбина.
Сепак, сите тие позитивни критики и пријателства не беа доволни за да поверувам дека Марла е тоа она вистинското што го посакував. Знаев дека морам да ја надополнам… чувствував дека нешто ѝ недостига… живост, можеби? Многу повеќе детали и разврски, малку повеќе конфликти и многу помалку заобиколувања…

Се надевам дека овој пат… ќе успеам да ја доловам Марла онаква каква што од секогаш на замислував…. храбра, одлучна… во цврста борба против стереотипите и предрасудите. Колку јас како автор созреав и ја „пораснав“ мојата хероина, можете сами да одлучите… Оставам на вас, читатели…

После книгава, или ќе ме сакате или ќе ме мразите, или едноставно ќе ме заборавите и ќе ви биде сеедно. Можеби ќе се пронајдете, можеби ќе сретнете случајно или намерно некого низ редовите…

Ајде ќе се вратам малку ретроспективно, и за оние кои не го прочитале првото издание, еве како и зошто се роди Марла, за која подоцна некој ќе рече дека е култна… можеби затоа што своевремено распали тогаш кога мораше или токму кога требаше…

Идејата за Марла настана кога сфатив дека нам, правите Балканци, ни треба вистинска реална хероина. Не онаква како од приказните за 1001 ноќ или, пак, бајките од Hans Christian Andersen, туку некоја поинаква, некоја поразлична од сите, некоја една и единствена, некоја која ќе биде жена за сите времиња. На девојките да им служи за пример, а на момците да им биде девојка од соништата. На тој начин мислам дека и двете страни ќе бидат задоволени.

Во оваа книга нема да го сретнете описот на Марла, ниту пак на било кој друг лик споменат во неа. Екстериерот и ентериерот исто така се изоставени од познатото опишување. На тој начин, ви дозволувам сам да си ја креираш идеалната слика за тоа како би изгледала Марла во вашата глава, како и самото опкружување во кое таа се наоѓа. Со еден збор, ви дозволувам сами да станете креатори на вашиот идеален пример и вашата девојка од сништата, ви дозволувам да се препуштите на сопствената имагинација? Доста нетипично за една книга, зарем не?

Книгата е +18 години, затоа што се работи за метафорично порно, кое дете од помала возраст не би го сфатило. Но, вие, големи луѓе, ќе разберете што се крие зад поимите „банана“; „клуч“; „јагода“ и „брава“. Од оваа книга, вашите деца нема да научат вулгаризми, не грижете се.

Всушност, целата книга е сведена на метафора. Доволно пристојно и невино за почеток, нели? Но, почекајте да видите до крај, да дознаете до каде може да отиде човековата мисла и колку е перверзен човечкиот мозок.
Ова е една навидум сосема обична пародија на сите американски романчиња, каде сите главни ликови се идеални без да се обрати внимание на лошите страни и грешките кои тие неретко знаат да ги направат. Токму затоа дејствието се случува во Чикаго… во оваа книга единствено Марла е најсовршена од сите.
Зошто? Затоа што самите ние сме такви, секогаш се сметаме за најперфектните суштества и секогаш сме сигурни дека сме токму ние сме во право. Грешките ги бараме најпрво кај другите, но по длабоко анализирање на работите, заклучуваме дека можеби и ние самите не сме цвеќиња за мирисање. Дрско? Не, само е реално. Можеби е убаво да се сметаме за такви, можеби така се цениме повеќе себеси и ги тераме и другите повеќе да нé почитуваат, секако само ако тоа го правиме со умерена доза.

Всушност, никој и ништо не е совршено на овој свет, но нашите индивидуи како мали парченца го прават светот совршен. Која е поуката? Не се менувајте себеси за да добиете некого или нешто, ценете се себеси и почитувајте ги другите. Менувајте се единствено само ако промената добро би дошла за вас и вашата околина.

Сигурно ве заинтересира како реагираа од кога пуштив муабет дека пишувам помалку нетипична книга за нашиве простори?

На самиот почеток од пласирањето на идејата за Марла, наидов на различни коментари. Дел од нив позитивни, но дел од нив и негативни. Позитивните ме бодреа, а негативните ме мотивираа да ја направам Марла уште подобра од претходно.

Со оглед на тоа во какво опкружување живееме, не беше ништо изненадувачки околу предрасудите и стереотипите кои проследија. За дел од читателите беше неморално, а за други беше ГРОМ ОД ВЕДРО НЕБО и БУМ во вистинско време. Со текот на времето, околината почна сѐ повеќе да ја прифаќа, па така бројот на нејзините обожаватели почна да се зголемува.

Сепак, еротиката и нежното метафорично порно, добива друга димензија и се испреплетува со една поинаква приказна, приказна која верувам ќе им помогне на многумина девојки кои се борат со лоши и токсични врски…

Овој пат верувам дека ќе ја претворам во една силна хероина… која ќе се обиде да им го отвори срцето на читателите, но и очите на сите оние кои ќе се пронајдат.

За крај, би сакала да им се заблагодарам на сите кои ме поддржаа од самиот почеток. Најголемата поддршка ја добив од светлината на мојот живот, мојата мајка Валентина и нејзе ѝ го должам сиот овој труд. Но, по издавањето на моето прво издание, ја запознав љубовта на мојот живот и истата онаа поддршка која ја добивав за време на пишувањето на првото издание, ја добивам сега во дупла-тродупла доза…

Ви благодарам и на двајцата од дното на моето срце… за целата поддршка!!

Исто така голема благодарност и до тројцата останати најважни мажи во мојот живот, татко ми Зоран, брат ми Мирослав и мојот внук Алексеј кој ми ја исполнува душата секој пат кога ќе ме погледне на еден свој детски начин.

Потоа, моите другарки: Катарина; Тамара; Маријана, Лидија; Ана поради која немаше да се случи римејкот и секако снаа ми Александра која ни го подари најубавото бебенце на светот.

П.с. Скршете ги предрасудите и уживајте во дрското и метафорично порно. Ветувам, нема да ве разочарам.

Ве сакам!
Искрено ваша,
Марија Прличкова

Посетено 225 пати