Невера

disbelief

Сега знам дека никогаш нема да
бидеме како што треба.
Нема да можеме да функционираме
како нормален пар, бидејќи нема ништо нормално
кај нас.
Нема да можеме да излеземе на вечера,
Нема да можеме да одиме некаде на викенд,
Нема да можеме нормално да кажеме еден за друг
на други,
Нема да имаме прекрасни опуштени  моменти во зоолошка,
Нема да можеме да си веруваме еден на друг,
Нема да сме веќе заедно.
Но, знам дека нема да можеш да ме заборавиш,
Нема да можеш да ме тргнеш од глава,
Бидејќи таму сум постојано, роварам во
твојата потсвест
асоцираш се’ со мене
допири,
миризби,
погледи, помисли, замисли, песни, забави, срцеболови.
Можеш да пробаш да продолжиш понатаму,
Ама нема да ти успее; заглавена си во моментов
Те ремети прашањето зошто не е готово, иако е?
Се нервираш што ги немаш сите одговори,
Несфаќајќи дека поставуваш прашања на кои
                                                                                    нема одговори
бараш проблеми онаму каде што нема
сакаш тоа што не можеш да го имаш
го имаш тоа што се убедуваш дека не го сакаш.
Борба за моќ; еден ден јас, друг ден ти
Две недели ти, една јас
Непотребни детски игри за двајца возрасни заљубени
лудаци кои бесцелно талкаат низ светов барајќи
тоа што го имаат пред нив.
Потиснување на чувства,
Потиснување на болка,
Потиснување на среќа, на љубов
За да можеме да бидеме како другите, нормалните
За да можеме да исполниме некои норми
Општествено да бидеме прифатени како што
                                                                                    другите диктираат
Секогаш другите повеќе знаат, другите се експерти
Нивното мислење го пиеме, нивниот суд ни е важен.
Живееме животи за да ги правиме другите среќни?
Јас знам што ме прави среќен
Ти
Ти и никој друг
Ти кога си ти, а не другата која не ја знам
Но, немам проблем ни со другата
И нејзе можам да ја засакам
Ако ми дозволиш да ја запознам
Да видам дали и таа знае да биде како тебе
Дали го има тоа што го сакам кај тебе
Или само знае
Да те турка од мене
За да мораш после да се бориш и со неа и со мене
Битка која не можеш да ја добиеш
Од која се откажуваш уште пред да почне
А јас само сакав да те допрам, да те гушнам
Да разменам два-три збора со тебе
Очи в очи,
Да ти погледнам в душа и да знам
Дека среќата моја лежи во тебе
И дека за твојата придонесувам јас
И јас ќе ти речам оди
Оди каде што нема да можам да те видам
Каде што нема да можам да те слушнам
Оди далеку од мене
Оти ако не одиш
Никогаш нема да те пуштам
Никогаш
Готово е кога еден ќе престане да сака
Готово е кога барем еден ќе стане рамнодушен
Готово е кога ќе отидеш и нема никогаш да се
вратиш.
Ова, не е ни оддалеку готово
Можеш да бегаш колку сакаш
Можеш да ги лажеш другите и сама себеси колку
                                                                                                сакаш
Нема да ти успее,
Само ќе останеш заробеник на своите чувства
Половина битие кое очајно лута по другата половина
Но, не ја прифаќа
Се плаши од неа, како од својата темна страна
Од својот мрачен сопатник.
Ме знаеш веќе мене
Нема да се откажам.
Но кога ќе се откажам тогаш навистина е готово.
Тоа ќе боли повеќе од се’.
Но зошто да боли кога може љубов да гори?
Зошто да страдаш и во ноќи да бладаш?
Зошто да се будам и по тебе да лудам?
Зошто?
Врати ми се ослободена од демоните на минатото
Или едноставно
Оди…
Посетено 1.254 пати

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Vladimir Ristevski (Psihotichen Um)