Песни да, но без силување, ве молам!

letter_large

Кога ќе ти избега мислата,
не бркај ја, по неа следи друга,
уште понедофатлива.
Чувствата, да ги заробиш во песна –
зарем тоа не е она што сите го очекуваат;
и токму затоа, игнорирај ги!
Ако го фатиш моментот, пеки, ако не
(доколку знаеш што вреди, а што не),
стуткај ја хартијата или избриши сè.
Во вистинско време, на вистинско место –
тоа многу ретко се случува, без разлика
дали си учесник или сведок од страна.
Сеќавањата се тука, јасни или избледени,
преиначи ги ко да ги памети некој друг.
Песната е отворена дланка што може да
вгнезди цел свет, но не додржува ронки
од недоносени мисли што капат низ прсти.
Или вака: ако напишеш лоша песна,
престори ја во авионче од хартија
и џитни ја низ прозорец.
А тоа каде ќе слета ич да не ти е гајле –
најмалку ако атерира на пистата
на фејсбук.
Знаеш дека за тоа е одговорна
само нивната лоша
контрола на летање.

Посетено 635 пати