На некои љубови не им било пишано

велат
многу пати ќе заљубиш
ама еднаш ќе љубиш
со умот
кога мислата негова и твоја е
со срце
кога неговото во твојот ритам ќе чука
со утроба
кога неговото постоење и твое станува
и онаму
онаму каде што страста пулсира
од каде што посакуваш
рожба негова од тебе да излезе
ќе заљубиш
низ животот повеќе пати
оти долг е пустиот
ама само еднаш ќе љубиш
кога во погледот негов-својата смисла ја гледаш
и здивот му го дишеш
за да преживееш
и на рацете допирот за него ти спие
а телото по неговото ти се обликува
и ќе знаеш
ќе знаеш дека љубов си му
кога те гледа небаре ѕвезда си
и те пие
од жед да не умре
кога од телото ти се гоштева
и мисла си му
а дланките полни твојата страст
на лицето ги држи
и вдишува
вдишува како давеник воздух
како спас да си му
незнаејќи колку тој те спасил
од живот-неживот
од сама себе
велат
на некои љубови
не им било пишано
ете
само така
пишано не било да бидат
оти се поголеми од животот
помоќни од смртта
и таквите љубови за смртници не се
а јас, јас и не барам пишано да ни е
душава во мир ми спие
дур знам оти ти и јас
нашата сами ја пишуваме
со секој здив
и трепет
допир
и поглед
до крај
до бескрај

Посетено 13.368 пати